
Пред откритијата на гравитацијата, енергијата или магнетизмот, било нејасно зошто космосот се однесувал онака како што се однесувал. Бестелесната интелигенција, во форма на ангели, било едно од можните објаснувања за движењето на физичките ентитети, на пример на планетите. Иако денес ова звучи откачено, дури и кога научниците престанале да се повикуваат на нив, тие сепак продолжиле да го користат нивниот контрапункт - лошите ангели или демоните - кои се појавуваат во имињата на повеќе мисловни експерименти во историјата на физиката. Во 2020 на оваа тема излезе и интересна книга под наслов „Ѓаволести: помалку познатата историја на демоните во науката“ (за која пишувавме тука), која ги опфаќа демоните во експериментите на Декарт, Максвел, Фејнман и други.
Ангелите датираат уште од библиски времиња и се опишани на понекогаш бизарни начини. Херувимите, на пример, се бестелесни сили, духовни суштества вооружени со огнени мечеви, кои го чуваат влезот во Рајот. Според некои претстави целите нивни тела, вклучително и грбот, рацете и крилјата се полни со очи. Сепак, и покрај обидот да се визуелизираат (да добијат облик и „тело“), тие сепак се третираат како во основа нематеријални.
Ова поттикнало значајни теолошки дебати. На пример, доколку ангелите се нематеријална интелигенција, тогаш што ги прави различни од Бог? Човечките тела ограничуваат, но ако нешто нема плот, тогаш дали може да постои каде и да е, односно секаде, и да дејствува на оддалеченост? Ова било опасна територија за теолозите, потенцијална закана за омниприсуството и целосната моќ на Бог.
Тома Аквински и неговите истовременици се обиделе да го решат овој проблем, лоцирајќи ги ангелите не преку нивната физичка димензионалност, туку преку нивното дејствување. Тој сугерирал дека ангелот се манифестира на одредено место со тоа што ја аплицира својата моќ на физички објекти токму таму, на таа локација. Ова ем ги ограничувало дејствата на ангелите, ем го поврзувало нивното присуство со она што тие го правеле, а не со нивните тела. Ова било во спротивност со Аристотеловата физика, која ги конципирала телата, местото и движењето како меѓузависни.
Само неколку години по смртта на Аквински, бискупот на Париз, Стефан Темпие, ги објавил своите Осуди од 1277 година, список од 219 тези за тоа што не смееле католиците да промовираат како идеја или да го предаваат на универзитетите. Ова било дел од поширокото цензурирање на Аристотел и другите „пагански“ филозофи. Импресивни 28 од 219-те се однесувале на ангелите, „одделни супстанци“ или „интелигенции“. Осудите забранувале верување дека ангелите се лоцирани преку нивните дејства, а не преку нивната супстанца, што значи дека решението на Аквински веќе не било актуелно. Ако ангелот постои на одредено место само преку своето дејствување, како што велел Тома, тогаш што се случува кога тој не дејствува? За да се овозможи нивно континуирано постоење морало да се смисли нешто друго. Каква би требало да биде нивната природа и суштина за тие да можат да бидат ем нематеријални, ем да можат да се лоцираат?
Најзабележителен маневар во оваа смисла направил Дунс Скот, шкотски монах од редот на фрањевците, универзитетски професор и теолог од крајот на 13-ти и почетокот на 14 век. Тој го редефинирал „просторот“, правејќи го поматематички, помалку врзан за одредена локација а посличен на нашата идеја за димензија. Ова овозможило „местото“ веќе да не зависи од одредници како горе-долу-лево-десно или од некакви просторни граници во физичка смисла.
Така се родило едно ново разбирање на врската помеѓу телата, местото и движењето, што помогнало да се реформулира нашето сфаќање за самата суштина на космосот. За Аристотел, движењетп им било инхерентно на телата, затоа што тие имаат природа која ги прави да си го бараат своето природно место. Да се воведат ангелите како нематеријални надворешни сили било секако многу поблиску до класичната физика, која на една невидлива сила, како на пример гравитацијата гледа како на нешто што дејствува на телата однадвор. Всушност, Лајбниц го обвинил Њутн дека со неговата теорија на гравитација промовирал окултизам, бидејќи таа изгледала како натприродна сила која дејствува врз телата од далечина.
Откако веќе сме се искачиле по таа скала на знаењето, како би можеле толку лесно да ја шутнеме од под нас? Барем на ниво на метафора, да се замисли ангел на местото на нешто што е во суштина нефизичко „нешто“ помага во концептуализацијата на апстрактни физички поими. Тие историски биле моделирани низ врската помеѓу материјалниот и нематеријалниот свет, а ангелологијата одиграла значајна улога во сето ова.