„Веројатно најтешкиот предизвик за секое човечко суштество е долгото, концентрирано мислење.“ Вака го почнува својот текст Хуго Гернсбак, луксембуршко-американски пронаоѓач, во списанието „Наука и изуми“ број 13, од 3 јули 1925.
Улична врева, ѕвонење на непоканет гостин на врата или движење и разговор на домашните, сето тоа се доволни пречки за продуктивно мислење. Но Гернсбак сепак најмногу се интересира за тоа колку човек си пречи самиот на себе - наместо да се концентрира на она што го работи да се ѕвери во шарките на прозорецот или на мува која прелетува (за сегашните мобилни и да не зборуваме). Ова особено важи за писателите на кои и онака лесно „им лета паметот“.
Чаре? Дрвен шлем од внатре поставен со плута (заради звучна изолација), две дупки за очите и една за устата. Во оваа третата влегува цевче поврзано со кислородна боца. Стакленцата на очите се офарбани црно, со само една слободна „цртка“, колку човек да може да го гледа она што го чита или пишува. Дотокот на кислород бил додаден откако се покажало дека по 15 минути користење на првичниот модел кој не го содржел овој елемент на корисникот почнувало да му се врти, со ризик да се онесвести, а потоа и да се загуши.
Иако звучи како зафрканција, Хуго Гернсбак бил многу сериозен изумител, пионер во електронската индустрија и основач на Модерна електрика (1908), првото списание на светот посветено на електрониката и на радиото, тогаш викано „бежичното“. Бил и автор на неколку прозни дела, меѓу кои на романот „Научните авантури на Барон Михнаузен“. Го основал првото научно-фантастично списание, „Неверојатни приказни“, а поради неговиот придонес кон жанрот во негова чест се доделува годишната награда за научна фантастика - наградата Хуго.
Проект поврзан со неговиот лик и дело, во кој меѓу другото е детално опишан и горниот шлем тука