
Скриен во вила во предградијата на Париз живеел поранешен ерменски монах, кој се сметал себеси за принц. До крајот на својот живот во 1906, тој всушност имал минато низ повеќе животи и бил познат под повеќе професии и имиња. Свештеник, наставник, преведувач, лексикограф, тој живеел маскирајќи се како наследник на средовековен трон во источниот Медитеран. Под овој лажен идентитет, тој поминал многу години мамејќи ги „социјалните искачувачи“ низ светот, наплаќајќи им големи суми за честа да бидат прогласени за витези со допир на неговиот кралски скиптар.
Амброаз Калфа, како што ќе го наречеме тука, многу повеќе сакал да му се обраќаат со Негово Височество Ги де Лусињан или Принц на Кипар, Ерусалим и Ерменија. За него и неговиот претходен живот не се знае многу, освен дека бил роден во ерменско семејство во Истанбул во 1830-тите.
Во текот на детството, Истанбул бил среде големи општествени промени, па младиот Калфа ги искористил приликите да се стекне со добро образование во странство. Студирал во Венеција на островот Сан Лазаро, дом на ерменски католички манастир уште од 18 век. Поранешна колонија за лепрозни, островот бил трансформиран од трудољубивите монаси во центар на ерменскиот интелектуален живот.
Повеќето од момчињата кои учеле таму заминале, но Калфа одбрал да стане монах. Манастирскиот живот не бил воопшто строг и вклучувал чести патувања низ Европа, заради подучување во верски училишта. Во раните 1850-ти бил наставник во Париз и објавувал учебници по математика, историја, англиски и француски.
Но во еден момент, заедно со други двајца монаси, тој се побунил поради однесувањето на негов претпоставен кој ги дискриминирал учениците од одредени верски конфесии. Ова довело до нивно исфрлање од конгрегацијата. Но тие веднаш отвориле конкуретно училиште во Париз, за сите момчиња кои сакале да учат тука, без оглед на социјалниот статус и верата. Почнале да издаваат билингвално списание „Гулабот од Арарат“, промовирајќи европски идеи на младите ерменски читатели, и обратно, запознавајќи ги француските читатели со ерменското минато.
Училиштето и списанието подоцна се преселиле на Крим, но Калфа останал во Париз и започнал радикално нов живот. Нашол љубов, или барем пари, кај поранешна љубовница на барон, кој по својата смрт ѝ го оставил своето богатство и неколку имоти. Еден од нивните кираџии бил и Виктор Иго. Тој им помогнал да го прошират својот социјален круг и да водат елитен живот помеѓу интелектуалците, нешто што подоцна ќе им помогне во „бизнисот“.
Полека но сигурно Калфа почнал да ја промовира идејата дека тој е „загубен“ принц од семејството Лусињан - средовековна лоза чии корени се во денешна западна Франција. Во текот на крстоносните војни неколку членови од него заминале за Ерусалим и успеале да се здобијат со одредена моќ во регионот, владеејќи со делови од Ерусалим, Кипар и ерменското кралство долж Медитеранот. Така Калфа се нарекол принц Ги де Лусињан, тврдејќи дека има директно потекло од 12-вековниот крстоносен крал со истото име. Мора да му се признае дека ова го сторил не само за лична корист туку и за благородна цел - да стане гласноговорник за ерменскиот народ, кој се борел за политичка автономија на Берлинскиот конгрес по завршувањето на руско-турската војна.
Залагањето за правата на Ерменците се покажало како неуспешно, но тоа било само почеток на новата персона на Калфа. Витештвото кое некогаш било ограничено на група благородници во служба на суверен до 19 век станало пошироко достапно и немало веќе врска со воена служба и учества во битки. Калфа и жена му се прогласиле за Голем мајстор и Голема мајсторица на два витешки реда: Мелузина и Св. Катерина на планината Синај. Од овие позиции тие за добри суми доделувале витешки титули на оние кои ги барале.
А такви имало многу. Сепак, извесна процедура била запазувана. Сите потенцијални витези требало да достават формално барање, вклучително и биографски детали и список на добри дела поради кои сметаат дека треба да ја добијат честа. Потоа следела одлуката, и за тоа дали воопшто ќе биде доделена титулата, и за цената. Не ретко паѓале ценкања и надмудрувања.
Иако постои документација за голем дел од ова, сепак приказната има и „дупки“. На пример, дали Калфа навистина верувал во сопствените лаги? Колку од сето тоа бил дел од поголем план за привлекување внимание на големите сили кон малиот ерменски народ? Неговиот „проект“ е жив и денес, преку нова генерација Лусињани, кои го одржуваат редот на Св. Катерина. Сега не мора ни да појдете до нив. Испратете 60 долари членарина и 50 долари за изработка на индивидуален грб и витештвото ќе ви стигне на мејл.