Изложба на Владимир Лалиќ на 40-тото Скопско лето

Во вторник, 25.6 од 21 часот во Младинскиот културен центар ќе се одржи изложбата “Разоткривање” на Владимир Лалиќ, ликовен уметник и музичар од Белград. Таа нè носи низ различни имагинарни содржини на непознатото и различноста во широката сфера на визуелни форми, идентитети, слоеви и приказни. Доминантно користените техники се колаж и јаглен на хартија.

Владимир Лалиќ е роден 1983 година во Белград. Дипломирал на Факултетот за применети уметности на Универзитетот во Белград во 2008 година. Истата година запишува специјализација на Факултетот за ликовни уметности во Белград на отсек графика и завршува 2010 година. Од 2008 до 2012 год. работи како стручно лице – демонстратор на ФПУ, на отсек графика. Тој припаѓа на средната генерација на ликовни уметници и зад себе има бројни претставувања ширум светот, меѓу кои и во Франција, Италија, Германија, Србија. Добитник е на неколку награди меѓу кои и наградата за сликарство Prih-Paul-Louis Weiller за 2017 година, доделена од Француската академија, а за која бил предложен од познатиот сликар и академик Владимир Величковиќ.

Оваа награда им се доделува на исклучително талентирани автори кои дале голем придонес за развојот на сликарството. Истата 2017 година, Владимир Лалиќ ја добил и специјалната награда на жирито во Трст, Италија, на конкурсот за визуелни уметности - LYNX. Овој исклучителен млад автор со раскошен цртачки талент се котира многу високо на меѓународната ликовна сцена и неговите дела се наоѓаат во многу приватни колекции и музејски поставки.

Лалиќ не е само визуелен уметник. Тој истовремено се занимава и со музика; член е на хорот Viva Vox и досега има настапувано на повеќе оперски претстави и концерти ширум светот. Препознатлив е по инкорпорирање на музичкиот талент во своите дела.

Повеќе на ФБ настанот за изложбата организирана во соработка со „3Г Доминиум културно јадро“ и Музеј на град Скопје тука

Влезот е слободен!

23 јуни 2019 - 12:05