Четири дена пред смртта од случајно предозирање со лекови, Роџер Нелсон, или уметникот познат како Принс, му се јавил на авторот кому му нарачал да ја напише автобиографијата, Дан Пипенбринг, за да му каже дека се чувствува добро. Во тој период медиумите известувале дека авион во кој летал музичарот бил принуден да се приземји затоа што му се слошило. Двајцата се договориле за средба на која требало да ги дискутираат деталите околу мемоарот на кој заеднички работеле последните три месеци.
На 21 април, Пипенбринг, како и остатокот од светот, бил затекнат од вестите дека Принс бил најден мртов. Излегло дека неговата автобиографија е последниот голем проект, кој за жал не успеал да го заврши.
Книгата сега, три години по неговата смрт, излегува на германски и на англиски. Насловот е одбран од самиот Принс, како асоцијација на рок баладата на неговиот албум „Прпл рејн“. Пипернбринг, кој го запознал Принс во 2016 кога бил 29-годишен уредник на познатото книжевно списание The Paris Review, не сакал да објави нешто „колку да се рече“, само за да заработи од смртта на својот славен субјект, туку да му ја оддаде потребната почит, и книгата да одговара на првичните идеи кои тој ги имал. Со месеци истражувал по оставштината на Принс и нашол куп нешта од неговото детство - новчаникот на татко му, студентската книшка, цртежи, стихови за песни и фотографии. За жал не и нешто што личело на дневник.
Книгата е поделена на четири поглавја, а во воведот долг скоро 50 страници авторот зборува за своите бројни средби со шармантниот и самокритичниот музичар, и шокот кога дознал за неговата смрт. Следат повеќе од 50 страници напишани од самиот Принс, вклучувајќи ги и неговите први спомени и чувства за неговите родители. Првиот бакнеж го добил од некоја петгодишна Лаура, а од хероите најмногу го сакал Супермен. Пишува и за караниците помеѓу неговите родители што довеле до нивниот развод, како и за првиот настап на школо, не како музичар туку танчар-степер.
Следат тинејџерските години кои ги поминал во подрумско студио на негов пријател слушајќи ги Би-би Кинг, Џејмс Браун, Арета Фленклин, и запишувајќи ги нивните стихови. Подоцна почнал да пишува и свои, и да го користи сопствениот глас како еден од многуте инструменти кои ги совладал во меѓувреме. Кога прв пат се слушнал на радио, Принс вели дека не се препознал. Па сепак, славата дошла бргу, и кариерата му тргнала угоре кога имал само 19 години.
Во книгата се набројуваат голем број снимки, композиции и настани од богатата кариера на музичарот. Што се однесува до односот кон неговите колеги, само мал број заслужувале да бидат во категоријата „алфа“ заедно со него - Лени Кравиц, Мајкл Џексон и Биојнсе. Се грозел од поп пејачи од типот на Кети Пери и Ед Ширан, а кога зборувал со Пипенбринг за состојбата на дискографската индустрија, рекол: „Мајмуни и примати можат да продаваат музика“.
И покрај она што изгледа како арогантност, Принс бил великодушен соговорник и правел „кога ќе те погледне во очи она што изгледало невозможно пет минути претходно да стане изводливо“. Според авторот мотивот да напише мемоар била врзана за фактот дека старее и дека треба нешто да остави како наследство освен музиката. За многумина оваа автобиографија пополнува некои празнини во она што претходно се знаело за Принс. За најголемите фанови сепак мистеријата за овој уметник се уште живее.