Ричи Брејв, радио водител на Radio 1Xtra на Би-би-си, бара организаторите да го преиспитаат името на Букеровата награда, поради неjзината поврзаност со некогашни сопственици на робови.
За ова има и личен аргумент. Неговото законско презиме е Букер, а неговите предци биле робови во сопственост на основачите на компанијата која на почетокот ја спонзорирала наградата. Станува збор за браќата Џорџ и Џошиас Букер, за кои на официјалната страница на наградата, во рубриката која транспарентно ја открива својата врска со некогашни робосопственици, до скоро пишуваше дека тие „менаџирале со околу 200 заробени луѓе“.
„Џошиас и Џорџ не ја 'менаџирале' мојата фамилија. Тие ја имале заробено. Токму затоа ни се уште го носиме нивното презиме“, напишал Брејв.
По оваа објава организаторите го промениле текстот на страницата и таму сега се вели дека во 19 век браќата имале плантажи со шеќер во Демерара, Гвајана, поради што биле наречени „шугар дедис“. За нив работеле 200 заробени луѓе. Токму ова го натерало Џон Бергер, добитник на наградата од 1972, да „ја сврти наградата против самата себе“, донирајќи половина од паричното признание на британскиот „огранок“ на Црните пантери. Исто така во едитираната објава се вели дека „ќе следи подетална анализа напишана од гледна точка на гвајански историчар“.
Брејв јавно им се заблагодари на организаторите за ваквото обновување на содржината на страницата и на тоа што тие го контактирале, но не отстапува од идејата, и покрај тоа што денес Букеровата награда и Меѓународниот Букер се финасирани од хуманитарна фондација, Кренкстарт која освен преку името, нема друга врска со некогашните робосопственици.