Јагода Кљаиќ

Илинден далеку од Св. Наум

„Без каква и да е причина го обележувам Илинден. Никому во семејството не му е слава, а за жал никој од Македонците не ни е род. Обавезно сум тажна затоа што деновите веќе подолго од месец се скратуваат, но тоа е веројатно само блед изговор за вистинска тага. Што тој ден не сум крај Св. Наум.“

пишува: Јагода Кљаиќ

Кога ќе почувствувам во мугри, дека треба да се најде начин за самоспас, секогаш на ум ми доаѓа море. Она на 695 метри надморска висина, измерено на околу 350 квадратни километри површина, опкружено со висовите на Галичица. Никој нека не прашува зошто. Од толку места од Ѕидот на плачот до другарувањето со пророчката Питија, од Фонтана ди Треви до манастирот на Цетиње, денес најрадо би му се вратила на Охридското езеро.

Не можам да одредам дали е тоа поради групата „Тајм“ и Дадо Топиќ: „Кад си сам, кад је тужно све, ти се сети ње, Македонија ти пружа љубав и сне...“. Или поради познаничката која умре премлада. Можеше секое лето да си дозволи егзотично патување, па еднаш беше во Охрид, друг пат во Мексико, трет пат повторно на Езерото. Само еднаш рече дека нејзе Охрид ѝ е поубав од Мексико, а бидејќи потпаѓам под туѓо влијание без никаков критериум, го прифатив фактот за преубавоста на Охрид уште пред да го видам. По првата средба само сакав уште, но „уште“ сепак одамна остана вкопано в место.

Без каква и да е причина го обележувам Илинден. Никому во семејството не му е слава, а за жал никој од Македонците не ни е род. Обавезно сум тажна затоа што деновите веќе подолго од месец се скратуваат, но тоа е веројатно само блед изговор за вистинска тага. Што тој ден не сум крај Св. Наум.

Додека се тетеравам и се сопнувам, се фаќам за скутовите само на оние кои се насмеале кога прв пат сум им се приближила. Св. Наум е еден од ретките.

Така, секој Илинден со виното „Т’га за југ“ ѝ наздравувам на Македонија на храброста. Поради востанието пред околку стотина и дваесет години против угнетувачкото Отоманско царство. За илинденскиот ручек знае целата улица: наут, леблебија, или сланоток. Не би го јаделе тие тоа ни во лудило, што ти е? Ми се придружува само пријателката Илинка. Мирис на охридска пастрмка лесно си повлекувам во носниците, секогаш е притаен на крајче од некој нерв. Попладне се струполувам на подот, помеѓу расфрланите охридски бисери, распаднатите ѓердани и алки, а на стариот грамофон редам: Зајди, зајди, јасно сонце, Брала мома капини, Билјана платно белеше, Елено ќерко, Појде моме на вода...Обавезно и Еден бакнеж на Нина Спирова. Ех...а кафето тогаш сакам да го испијам најосамена, затоа што таква можам да бидам во стеблото јавор старо девет стотини години, некои тврдат и постаро, чија крошна е разлистана на дваесет метри, а во средината на стеблото уреден мал ресторан. Единствениот Чинар.

Прв пат бев кај Св. Наум токму на Илинден. Кој би можел а да не се заљуби во атмосферата, напрасно да ја прекине љубовта, повторно да се врати за неколку години и да продолжи како да било синоќа. Го фрлив тој прв пат паричето во езерото што го обликуваат многубројните извори на Црн Дрим со само една желба: додека можам, да се гледаме. Сега, можам или не можам, тоа е тешко прашање и не го знам одговорот. Паричката е некаде во калта, дури и ако ја проголтала јагула, кога-тогаш ќе излезе на светлината на езерската вода. И ќе биде повик за авантура.

До тогаш, на секој Илинден, токму некако во време на леблебијата, пристигнува поздрав од Охрид, телефонски, кој секогаш почнува со прашањето: „Како се ти викаш?“. Како она некогаш, кога не знаев многу за Охрид, затоа што само што бев пристигнала. Нè делат само илјада километри. Се сеќавам на тоа кога ќе помислам: не е важно каде си, важно е со кого.

извор

2 август 2021 - 08:36