Доколку сте се искачувале на Акропол во Атина веројатно најмалку сте размислувале за патот по којашто сте оделе. Таа камена патека сепак не е обична - плочите се со различни големини, неправилни форми и нијанси, поставени така што понекогаш изгледаат како фрагменти од некој древен мозаик. Стазата се шири и стеснува, прави да забавите, па да забрзате, го крие Акропол за потоа да го разоткрие во целата негова убавина.
Неа ја има осмислено и реализирано, со помош на локални каменоресци и градинари, еден од најпознатите грчки архитекти - Димитрис Пикионис.
Пикионис е роден во Пиреја (Атина) во 1887 година, а неговата професионална приказна е интересна уште од самиот почеток. Архитектурата првично не била неговата голема љубов. Студирал градежно инженерство на Политехничкиот универзитет во Атина, но многу повеќе го привлекувала соседната школа за ликовни уметности. Таму се движеле млади уметници, меѓу нив и еден грчко-италијански студент, кој подоцна ќе стане светски познат како основачот на тн. метафизичко сликарство - Џорџо де Кирико.

Де Кирико бил само малку помлад од него и, како и Пикионис, бил роден во Грција – во Волос. Двајцата брзо се спријателиле. Пикионис подоцна во своите автобиографски белешки се сеќавал дека со де Кирико бескрајно разговарале за сликарството и за своите идни планови. Го придружувал кога одел да слика во природа и го доживувал како нешто повеќе од пријател, како вистински учител.
Пикионис постепено се префрлил кон архитектурата. Но не станал архитект во класичната смисла на зборот – човек кој ќе постави нова, совршено геометриска структура врз празно место. Со текот на годините станувал сè позаинтересиран за народната архитектура, локалните материјали, старите техники и начинот на кој зградите и патиштата природно се вклопуваат во пејзажот. Во одреден период бил привлечен и од модернизмот, но постепено се оддалечил од неговата идеја дека архитектурата треба да биде универзална и апстрактна.
За Пикионис местото не било „маркица“ на која архитектот може да го постави својот проект. Местото веќе имало меморија, која требала да биде содржана во новото. Тоа особено ќе се види во неговото најпознато дело - патеката кон Акропол.
Во 1954 година тој добил задача да го уреди просторот околу Акропол и ридот Филопапу. Работата траела неколку години, до 1958, и опфатила мрежа од патеки, скали, места за одмор и набљудување, како и уредување на просторот околу малата црква „Свети Димитриј Лумбардијарис“. На хартија, тоа звучи како проект за поплочување. Во реалноста, станува збор за едно од најнеобичните архитектонски дела на современа Грција.
Пикионис не сакал посетителот едноставно да стигне од точка А до точка Б, туку да го доживее патувањето. Затоа, не уредувал само простор, туку како сликар, компонирал сцени. Притоа користел камења, мермерни фрагменти, стари градежни материјали и делови од урнати неокласични згради. Каменоресците требало рачно да им нанесуваат „рани“, гребаници и лузни, па затоа патеките понекогаш изгледаат како да се многу постари отколку што навистина се.
Тоа е намерна илузија, но не евтина историска декорација. Пикионис не се обидувал да направи „античка“ патека. Напротив, користел современа интервенција за да создаде чувство дека различните времиња можат да постојат едно врз друго. Античкиот камен, византиската традиција, народната архитектура, модерниот дизајн, па дури и влијанија од јапонската естетика се среќаваат на едно исто место. Во тој поглед, патеката е речиси невидлива архитектура.
Пикионис починал во 1968 година, но неговата најпозната работа и денес не е „објект“ што можете едноставно да го разгледате. Тоа е повеќе прошетка, наместо споменик.
И на крај, една анегдота. Одреден период Пикионис предавал на Политехничкиот факултет во Атина. Често ги поттикнувал студентите, ако се деснаци, да цртаат со лева рака, за да вежбаат несовршеност. Еден ден, пред студентите на хартија скицирал некаков објект, а со пепелта од цигарата што ја пушел во моментот почнал да нанесува форми во околината - облаци, камења и еден бор. Еден од студентите прашал - „Но што кога борот ќе порасне и ќе почне да ѝ пречи на зградата?“.
Пикионис демонстративно ги фрлил моливите и рекол:
„Или разбираме, или не разбираме“.
И заминал.
Архивски документарец на ЕРТ за Пикионис, анегдотата е околу 30-та минута.