Грдата историја на „законот за грди луѓе“

Во 19 век голем број од државите во Северна Америка забранувале луѓе со хендикеп или со знаци на болест да се појавуваат во јавност.

Во 1881, со многу малку дебата или контроверзи, градското собрание на Чикаго изгласало закон според кој „болните, унакажаните и хендикепираните“ не смееле да се појават на улиците. Ова бил само еден од тн. „закони за грди“ кои поминале во различни делови на земјата во втората половина на 19 век. Ваквата законска дискриминација на хендикепираните денес можеби изгледа скандалозно, но во контекст на времето во коешто се случувала таа отсликува начин на размислување кој и денес не е целосно искоренет.

Законите не биле причина, туку повеќе последица на една цела атмосфера на страв и грозење од оние со телесни маани. Весниците пишувале за тоа дека доколку некоја дама види човек со „одбивен деформитет“ тоа може да влијае врз нејзиното „деликатно здравје“. Просјаците биле обвинувани не само за мамење со нивните хендикепи, туку дури и за самоповредување за да добијат сочувство.

Но, вистинската цел на овие „закони за грди“ не биле толку оние со физички деформитети, туку оние со понизок економски и социјален статус, значи сиромашните. Предрасудите не се однесувале на богат човек со телесна маана, ниту пак на вработен кој има некаков хендикеп. Всушност, несреќните случаи во фабриките во времето на воведување на индустриското производство биле толку чести, што работник без прст можел да се смета дури и за искусен. Исто така, ранетите ветерани од Граѓанската војна генерално биле категоризирани како заслужни за јавна помош и евентуално за федерална пензија.

За разлика од наведените, жителите на сиромашните гета се опишувани како „стари, унакажани, мрзливи и неумерени во трошењето на и она малку што го имаат“. Дури и оние кои реално не можеле да работат поради болест биле групирани со „мрзливите“.

Иронично и парадоксално, но истовремено со ваквите ставови растела популарноста на тн. „фрик шоу“. Истата година кога е изгласан законот за грди, властите во Чикаго дозволиле „изложување на чудовишта или накази на природата“. Кога дошло до нивна забрана, во 1899, за една година законот е повторно вратен, со образложение дека ги спречува „фриковите“ да заработуваат за живот. Во меѓувреме законот за грдите важел додека Градското собрание не го укинало - во 1973!

6 септември 2021 - 07:41