На 27 октомври 2015 се појави необична вирална твитер „нишка“ (целата тука) - епски твит напишан од жена под име А’Заја Кинг („Зола“). Првиот содржеше четири фотографии од неа и друга жена, како си прават селфиња, придружено со коментарот: „Сакате да ја слушнете приказната за мене и оваа кучка???? Малку е долга и полна со с’спенс“.
Воведот беше прецизна најава на она што следеше. „Малку долга“ значеше дека следеа 147 твитови, во кои таа ја раскажа приказната за тоа како келнерката (и повремено стриптизета) Зола во ресторанот кајшто служела ја запознала Џесика, која ја поканила заедно да бараат стриперска работа на Флорида. Уште од почетокот на твитањето се насетува дека работата нема да оди на добро, па Зола набргу се наоѓа среде откачена мешавина од проституција, оружје и дечко што се фрла од балкон. Целата приказна стана вирална, и со неизвесност се чекаше секој следен твит.
Сега, веројатно прв пат во историјата, твитер нишка е адаптирана во филм, во режија на Џаниша Браво. Енергијата на оригиналната приказна, сосе сленгот, енергијата која се граничи со вулгарност, создава чувство на јанѕа но истовремено и доверба во ликот на Зола, чија „камена фаца“ е во крајна спротивност со сиот хаос на она што се случува.
Низ филмот често се слуша звукот на твитер нотификации, а различните платформи, мрежи, апликации играат голема улога во наративот. Чести се и директни цитати од оригиналните твитови. Така, светот на филмот и на дигиталните медиуми се меша на начини кои се и „мета“ и „интертекстуални“, веројатно и на уште некој начин кој е посластица за теоретичарите. За „обичниот“ гледач целиот филм е како нечиј еротски сон, на граница помеѓу страв и желба, со јаки бои на „канаринец-жолто“ бикини и златесто-светкави хеланки и со сензуални движења на жени на шипка. Не, нема ништо романтично во злоупотребата на девојки за сексуална работа. Да, има нешто многу шармантно кога надарен раскажувач успева да долови свет во кој не живеат филмски, туку реални ликови, кои запаѓаат во ситуации кои за повеќето од нас делуваат надреално, филмски.
Во време на честа автоцензура на уметничките дела, „Зола“ храбро ризикува да не заземе став кон она што го опишува. Го меша убавото за око со грдото, одбивното со привлечното, хуморот со меланхолијата. Нема тука „добри“ и „лоши“, јасно означени со пулсирачки емоџи стрелки. Има приказна, онаква кава што наводно ѝ се случила на една девојка, некаде низ Америка. Реалната Зола, користејќи ја стекнатата слава, сега промовира линија маици, сака да стане пејачка, и продолжува да ја зголемува свесноста за трговијата со жени.