Њутн Најт се бори на страната на Конфедерацијата, собирајќи ги ранетите од бојното поле и сведочејќи ги нивните маки. Кога едно момче, негов сосед, му гине на раце, тој, ризикувајќи да биде заробен и казнет за дезертерство, го носи неговото тело дома, во Мисисипи. Таму ги затекнува соселаните погодени од „данокот во натура“, закон според кој јужњачката војска има право да собира храна и стока од населението, без оглед што овие и онака едвај преживуваат. Од богатите никој не зема, а оние кои поседуваат повеќе од дваесет робови не мора да одат ни во војска.
Најт така сфаќа дека тоа е „војна на богатите, но битка на сиромашните“, и решава да ја води оваа на вторите. Бега во мочуриштето, каде се придружува на мала група избегани робови. Тоа е опасна територија, полна отровни змии и длабока кал, каде војската не може да пристапи. На 13 октомври 1863 се формира „четата на Најт“ а тој станува нејзин Капетан. Тие, оставени сами на себе, почнуваат герилски напади и постепено освојуваат територија по територија. Освен некогашните робови, на групата полека ѝ се придружуваат уште дезертери од конфедерациската војска и истомисленици на Најт, главно негови роднини и комшии. Нивната идеологија е многу едноставна - тоа што ќе си го посадиш и одгледаш да си биде твое, и никој да нема право да му ја одземе слободата на другиот и да му кажува како да живее. Како вистински промотор на таа либералност, самиот Њутн живее со две жени, првата која му е законска и со која имал девет деца (во филмот се појавува само едно), и втора, Рејчел поранешна робинка на неговиот дедо, со која имал пет деца.
Во меѓувреме војната завршува, ропството е (наводно) укинато, и така и слободната територија на Џоунс е на страната на победникот. Всушност ова ќе беше и најдоброто место за филмот да заврши, бидејќи неговото продолжување непотребно ја комплицира приказната и го развлекува на два часа и дваесет минути. Последниот час ја опишува „Реконструкцијата“ (она што следело по крајот на војната) како подеднакво мачен период, во кој наводно ослободените се повторно слуги (само сега означени со политички коректното „помошници“), Ку Клукс кланот зема сè поголем замав, а формалната заложба за право на глас на црнците нема шанси во реалноста.
Во сето ова (повторно непотребно и збунувачки) се замешуваат сцени од судење на правнук на Њутн кое реално се случило во 1948 (ерата на Џим Кроу, расната сегрегација во јужњачките држави којашто траела до 1965), затоа што се оженил со бела жена, а притоа има доволно црнечка крв во него за тој брак според тогашните закони да биде забранет. Обвинителството се обидува да докаже дека тој е всушност потомок на едно од децата од врската помеѓу Њутн и црнкињата Рејчел, и дека оттаму има осмина или повеќе „африканско“ потекло. Во тоа и успева, по што е Дејвис Најт е осуден на петгодишна робија. Врховниот суд потоа ја укинува одлуката, но целиот случај ја актуелизира приказната на тогаш веќе подзаборавениот Њутн.
Метју Меконахи е одличен во портретирањето на човек на чија надгробна плоча пишува „Живееше за другите“. Бескомпромисен, храбар и многу тврдоглав, тој изгледа и се однесува како јужњачки „војвода“. Токму неговата појава успева да го спаси филмот, кој поврзувајќи го расизмот на 19-тиот со оној на 20-тиот век, можел лесно да стигне и до предизборната кампања за американски претседател во 21-иот.