Најавата на новата серија „Шефица на катедра“ (The Chair) на Нетфликс се случи со фиктивна насловна на студентски весник Пемброук Дејли, исто така фиктивен универзитет во Масачусетс. Во текстот се посакува добредојде на професорката Џи-Јун Ким на местото на нов раководител на катедрата по англиски јазик. Нејзиното назначување е особено важно, бидејќи таа е прва „ОЛ“ - „обоено лице“ или не-бела шефица во 179-годишната историја на оддел кој е познат по конзервативноста и старите бели професори.
Џи-Јун Ким (ја игра Сандра О од „Убивањето на Ева“) е од семејство на јужно-корејски имигранти, со татко кој одбива да зборува англиски и посвоено девојче кое прави сè за да ѝ ја усложни и онака сложената приватна и професионална ситуација.
Иако звучи како посакуван напредок во нејзината кариера, местото шеф на катедра е полно со предизвици. Најпрвин, Пемброук има проблем со привлекување на студенти по општествени и хуманистички науки, а една од причините е подостарениот кадар, кој уште ги вергла истите предавања за Чосер и Мелвил. Има тука и прешармантни ликови, за кои гледачот дури развива и сочувство кога задремуваат и испуштаат гасови на состаноците. Некои од нив одлучуваат да не се предадат без борба, дури и кога администрацијата ги сместува во кабинет под земја, веднаш до студентската фитнес сала. Помеѓу помладите пак има такви кои на трендот на растечката политичка коректност реагираат со намерно провокативно однесување, испитувајќи ги границите. Но тие очигледно се стеснуваат, кога еден од нив, инаку шармантен професор - љубимец на студентките, хитлеровски салутира на час кога зборува за книжевноста во тоталитаристичките општества, во мета-чин на провокација на она денешното. Еден „сиг хајл“ подоцна, тој е суспендиран и не смее ни физички да се појави на кампусот.
Иако крајно сериозни, овие односи на моќ во микро-академската средина се прикажани на еден толку суптилен и шармантен начин што сатирата истовремено е и горчлива и смешна. Иако навидум далеку од македонските академски состојби, многумина упатени ќе препознаат ликови и ситуации, и ќе замислат локална верзија на серијата. Во неа повторно ќе има борба за позиции и моќ, за број на студенти, за распределба на предмети и часови, за достоинствен кабинет. Оговарања, подметнувања, експлоатација на помладите. Но и многу попрозаични предизвици, како прокиснати покриви и запушени ВЦ-иња. А и сали за фитнес во подрумите немаме.
Илина, Букбокс