Од раните 1990-ти во Јапонија постојат агенции од кои можат да се најмат професионални актери кои глумат членови на семејството, партнери или колеги. Станува збор за нешто што основачот на првата ваква компанија, Japan Efficiency Corporation, го нарекува „меки услуги - приближување кон другите со сочувствително срце“. Практично еден вид хуманитарна дејност во култура како јапонската, која знае да биде прилично крута кога станува збор за социјални односи. Дури и глумењето е подобро од осамата или од срамот да се нема никој покрај себе, особено на свадби и други колективни настани.
Иши Јуичи е таков актер, „татко“ на над 25 семејства и „сопруг“ на повеќе од 600 жени. Тој е само еден од 1200 други вработени во фирмата „Семејна романса“ во Токио, од каде клиентите можат да најмат професионални придружници согласно своите специфични барања (изглед, однесување, темперамент). Тој влегол во бизнисот случајно, откако направил услуга за негова пријателка, која не можела да добие место за својот 4-годишен син во градинка. Како релативно искусен во снимањето ТВ серии и реклами, се понудил да го глуми таткото и успеал во тоа. Охрабрен од овој успех, ја отворил фирмата која постои повеќе од 10 години и за која пишуваа и Њујоркер и Атлантик. Во првиот се тврди дека името на компанијата е референца на есеј на Фројд од 1909, под наслов „Семејната романса на невротичарите“, за деца кои мислат дека нивните родители се натрапници, а дека вистинските се всушност благородници.
Вернер Херцог, познат по изборот на необични теми за своите документарци, снима филм за овој феномен, за кој не може да се каже ниту дека е документарен, ниту дека е игран. Имено, главниот лик е самиот Иши, кој практично се игра себеси, а сценариото содржи епизоди од неговите досегашни искуства. Главната приказна е неговото глумење на одамна заминат татко на 12-годишно девојче, но има и неколку споредни кои се неверојатно впечатливи. На пример кога тој е најмен да глуми мртовец во отворен сандак. Или кога игра отправник на возови кој згрешил дозволувајќи возот да тргне 20 секунди порано, понизно поклонувајќи се до земја додека шефот му се дере, а вистинскиот виновник стои на чекор до него. „Фала ти што го презема на себе срамот“, му вели клиентот, бескрајно благодарен.
Необичното и нелагодна чувство од гледањето на филмот произлегува од тоа дека всушност не знаете што гледате - дали е ова документарец или фикција? Точно она чувство помеѓу што го обезбедува фирмата на Иши, чии клиенти понекогаш се свесни за исценираноста на ситуациите, па дури и самите ги режираат. Како жената која еднаш добила големи пари на лото, и сака чувството да се повтори. Или мајката која бара сопруг кој ќе ја придружува на свадбата на ќерката затоа што нејзиниот има епилепсија (а е всушност алкохоличар). На сите нив им е потребна отстапка од реалноста, доволно мала за да не биде страшна, и формално нарачана за да не фигурира како лага.
Секако, и работата на овие актери не е секогаш едноставна, особено ако ангажманот се оддолжи, а клиентите се фини. Иши наидува на ваков предизвик, кој прави да ги испита етичките граници на својата позиција. Што се однесува до Херцог, можеби темата му лежи со оглед на неговото сопствено семејно минато - роден како Вернер Херцог Стипетиќ, од мајка Австријка со хрватско потекло и татко Германец, тој растел во тешки услови во текот на Втората светска војна. А татко му го напуштил семејството кога имал 12 години. Исто како и таткото на Махиро во филмот.
Илина, Букбокс