Кога ќе почнете да го гледате „Само 6.5“ асоцијациите на која и да е западна серија или филм кои имаат врска со дрога, полиција и дилери се неодминливи. Главниот инспектор Самад веднаш ви се прелева во Хенк Шредер од „Брејкинг бед“, нарко босот Насер Хазад ви иранска е верзија на Ескобар, а Техеран на моменти на моменти личи на колумбискиот Меделин. Неговите „слемови“ пак, каде се собираат зависниците, можат да бидат која и да е таква „населба“ во светот.
Она што го прави социјалниот контекст на приказната специфичен е фактот што во Иран разликата помеѓу тоа да бидеш фатен со 30 грама нелегална супстанца и 50 кила е иста - смртна казна. Ова го прави ризикот, и за полицијата и за производителите и дилерите, многу поголем. Го нема Сол Гудман да те извлече од каква и да е ситуација, само таков кој мртов сериозен ќе ти соопшти дека што и да направи - си мртов.
Низ комбинација на холивудски полициски филм и инсајдерско разбирање на околностите кои воопшто доведуваат до тоа некој да стане нарко бос, ова е возбудлив акција-трилер, за потрага по еден од главните снабдувачи на пазарот, неговото апсење, судење и на крај казнување согласно важечките закони. Точката на фокус се менува - де главен лик е полицаецот, де сме вовлечени во светогледот на „лошиот“, за кого на момент дури и нè фаќа жал. Јасно е дека режисерот Саид Рустаји не игра на црно-белата карта, и ја насочува критиката кон системот, за кого 6.5 милиони зависници oд над 80 милиони жители го смета за успех. „Да не беа овие казни ќе беа 20“, вели во еден момент полицаецот, иако неговиот коментар е загушен во преполнетите затворски ќелии во кои треба да си јака фаца само за да можеш да седнеш, на под.
Интересна од културолошки аспект е и улогата на семејството во целиот синџир на дрогата, и како главен мотив (да им се обезбедат подобри услови за живот на родителите, на пример), но и како сојузник во целиот процес. Сечиј брат, мајка, дури и деца се вклучени во процесот. Но кога треба да се штити сопствениот живот идеалот веќе не важи и никој веќе не е толку семејно ориентиран - нарко босот е предаден од сопствениот брат, а таткото на едно дете со кое е заедно во ќелија го тера да признае дека дрогата е негова. Таткото е ослободен и среќен, а неговиот сопствен син ќе помине две години во поправен дом. Судиите, иако ја сфаќаат играта, не можат ништо да сторат во врска со ваквото жртвување на најблиските, кое на некои од нив им се наметнува како тежок но неминовен избор.
Завршните сцени во кои се подготвува губилиштето за извршувањето на смртната казна ја прави целата разлика помеѓу овој и сите останати филмови кои сме ги гледале на слична тема. Дури и полицајците за момент ги свртуваат главите кога механизмот ќе се активира. Тешејќи се со тоа дека можеби 6.5 милиони и не се толку многу.
Илина, Букбокс