Ричард Џуел на прв поглед е крајно симпатичен лик - дебеличок, и на свои триесетина години приврзан за мајка си, опседнат со тоа да стане полицаец и да спроведува ред и дисциплина. Типичен „мал човек“ со голем сон, тој дури и без настанот кој го одбележал неговиот живот би бил интересен за книжевна или филмска приказна. Но во 1996 неговата желба се претвора во клетва - медиумите и законот одеднаш покажуваат огромен интерес за него, но поради погрешна причина.
Во 1996 САД се домаќини на летната Олимпијада во Атланта. Таканаречениот Сентениал парк е претворен во „градски плоштад“ на Олимпијадата, каде секоја вечер се собираат илјадници луѓе за да присуствуваат на концерти и да се дружат. На полноќ на 27 јули Ерик Роберт Рудолф, терорист кој подоцна ќе постави бомби и во лезбејски ноќен клуб и во две клиники за абортус, под клупа на плоштадот остава зелен ранец со експлозив. Во тој момент Џуел е ангажиран како обезбедување на настанот. Девет минути пред Рудолф да се јави на 911 со предупредување, тој го открива ранецот и со помош на полицијата евакуира дел од околните набљудувачи. Бомбата експлодира, убивајќи една жена и повредувајќи над сто други. Додека трча кон местото за да го покрие настанот, од инфаркт умира и еден камерман.
Филмот со јасна хронологија ги покрива овие настани, постепено приближувајќи ни го ликот на Ричард. Првите медиумски известувања го слават како херој, а тој онака скромен и ненавикнат на внимание во интервјуата повторува дека само си ја вршел работата.
Но набргу нештата се менуваат. Еф-би-ај врз основа на претходни случаи на „осамени бомбаши“ кои се совпаѓаат со профилот на Ричард, го прогласуваат за можен (и главен) осомничен. Иако никогаш официјално не е обвинет, тој станува жртва на медиумски линч, домот на мајка му кадешто живее е два пати детално претресуван, а тој и неговите блиски се следени 24/7. Весникот Атланта Џурнал го води медиумското оро, прв објавувајќи наслов „Еф-би-ај се сомнева дека херојот можеби ја поставил бомбата“. Џуел е приморан да ангажира адвокат (Сем Роквел) кој мака мачи со добродушноста и наивноста на својот клиент, кој по секоја цена се обидува да соработува со властите. Дури по неколку месеци, на 26 октомври, пристигнува писмо во кое пишува дека тој веќе не е цел на федерална истрага поврзана со бомбата, а подоцна следува и официјално извинување. Две години подоцна Ерик Рудолф станува главен осомничен, уапсен е дури во 2003 после голема потера, и го признава делото.
Во текстови кои прават споредба на филмот со реалната приказна главно се потврдува она што е во него раскажано. Единствено се спори улогата на новинарката на спомнатиот Атланта Џурнал, Кеjти Скрагс, која во филмот е претставена како болно амбициозна манипулаторка (ја игра Оливија Вајлд). Весникот официјално реагирал пред премиерата, не толку во одбрана на Скрагс која починала во 2001 на 42 години, туку поради тоа што филмот создава погрешен впечаток за работата на новинарите и на конкретната редакција, која наводно поттикнува и давање сексуални услуги (во случајов на агенти на Еф-би-ај) за информации. Сепак, самиот филм е базиран на истражувачко-новинарски текст објавен во Венити Фер во 1997 - „Американски кошмар: баладата за Ричард Џуел“, и е одличен антидот на трендот на филмско портретирање на убијци, манипулатори и измамници кој го сведочиме во последно време. Џуел е можеби „мал“ човек, но на крај сепак излегува голем херој.
Илина, Букбокс