Пред неколку години објавивме народна приказна од лектира за петто одделение, под наслов „Облог меѓу прост и учен човек“. Накратко, се скарале учен и прост човек. Првиот тврдел дека интелектуалците генерално поарно живеат, токму затоа што се учени и многу работи знаат. Простиот пак велел дека вторите имаат повеќе животно искуство и дека токму затоа подобро си ги решаваат проблемите. Се обложиле и организирале вечера за двете групи, ама со „твист“ - им дале предолги лажици. Учените веднаш се откажале. Ама простите, знаејќи дека ако не се снајдат ќе останат гладни, фатиле еден со друг да се ранат, и така вечерале убаво.
Ова е верзија на познатата алегорија на долгите лажици, која ја покажува разликата помеѓу рајот и пеколот - и на двете места луѓето имаат долги лажици, но во пеколот тие не можат да соработуваат и оттаму страдаат. Во рајот тие се хранат едни со други и успеваат да живеат вечно. Приказната е дел од фолклорот на повеќе култури, а во некои од нив лажиците се всушност долги стапчиња за јадење, или пак има дополнителен проблем, што рацете се врзани за дрвени штици кои оневозможуваат принесување на храната до устата.
Шпанскиот дистописки хорор „Платформа“ се појави кратко време пред да почне масовното празнење на штандовите со конзервирана храна и тоалет хартија во супер-маркетите. И пред и онака големиот јаз помеѓу богатите и сиромашните да стане уште подлабок. Но да се толкува само како критика на неконтролираната потрошувачка и злиот капитализам сепак би било грешка. Затоа што тука има и малку поинакви пораки. А „прости“ излегуваат сите.
„Платформа“-та за којашто станува збор или „Дупката“ е реален физички објект, сив и суров, како излезен од некаква мрачна видео-игрица. На секое од нивоата чиј број до крај не е јасен, живеат по двајца „цимери“, при што некои се затвореници, а други волонтери кои го трампаат својот престој во кулата или за пари или за некоја друга привилегија. На самиот врв, на нултото ниво, има кујна и голема екипа од врвни готвачи кои подготвуваат богата софра - од полжави во сос, печен дивеч, до богато украсени торти и панакоти. Сето тоа е поставено на подвижна платформа која застанува на секое од нивоата, но за кратко. Секој пар треба да изеде онолку колку што може или смета дека треба, пред таа да се придвижи надолу. Не смее ништо да се задржи, бидејќи дури и едно обично јаболко во џебот активира или превисока или прениска температура.
Како што напредува софрата, така таа дивјачки се празни, па некаде под педесетото ниво луѓето добиваат малку, а потоа и ништо. Но во оваа алегорија за класните разлики, исто како и во спомнатата народна приказна, има „твист“ - по еден месец луѓето се привремено успиени со гас, а потоа се будат на друго ниво. Тоа може да е повисоко од претходното, и тогаш се сметаат за среќни и се обидуваат да се налапаат до следниот пресврт. Но ако по будењето на ѕидот забележат бројка која е поголема од сто, тогаш знаат дека ги чека еден месец пеколни маки.
Главниот лик е Горегн, кој доброволно се пријавува за место во „Вертикалниот самоуправен центар“ (секоја асоцијација на социјалистичкото самоуправување е веројатно намерна) заради две причини: сака во текот на неколкуте месеци престој да се откаже од пушење и конечно да ја прочита „Дон Кихот“. Истовремено, ветена му е „акредитирана диплома“ ако издржи до крај. Почнува некаде во првата третина, на 47-ото ниво, но како што неговата среќа се менува, така се менува и неговиот однос кон околината. Екстремните околности подразбираат екстремно прилагодување, па така во основа добродушниот лик, кој и физички изгледа како витезот од Ла Манча, ќе мора да направи нешта од кои инаку би се грозел. Исто така како стара кожат отпаѓаат неговите дотогашни верувања, дека „спонтано чувство на солидарност“ е можно, доколку на луѓето во подолните нивоа (тие од горе и онака не слушаат) им се објасни потребата од рамномерно распоредување на ресурсите. Тој дури оди до таму што го смета целиот „проект“ за експеримент на елитите, на кои тој им служи за да предвидат дали и под кои услови би се појавила солидарност, за да знаат да ја спречат во реалниот свет.
Сепак, ова не е само асоцијација на „Пирамидата на капиталистичкиот систем“ - познатата американска карикатура од 1911, базирана на слична руска од 1901. Како што се развива дејството сфаќаме дека во неа има и богати луѓе на дното (со врзопи банкноти кои не служат за ништо) а кои таму се нашле можеби токму поради својата алчност. Нивото на кое човек може да се најде во текот на престојот во „затворот“ (животот?) е непредвидлив, а оние кои се будат во ненадејни поволни околности се обидуваат до крај да ги искористат затоа што никој не им гарантира каде ќе бидат во иднина (што е јасна сатира на политичките функции, грабање тендери, маркици, и секакви други привилегии во текот на нивното траење). Од друга страна, и обидите за воспоставување некаква егалитарност и по фер распоредување на храната не поминува без жртви. Дното излегува дека е многу подлабоко, а мисијата многу потешка отколку што изгледа на прв поглед.
Крајот сепак нуди извесен оптимизам, иако е отворен за интерпретации. Дури и на моменти да ви се згрози од крвавите сцени, издржете. Мора да се допре дното, за платформата да се придвижи конечно нагоре.
Илина, Букбокс