„Република на островот на розата“ или како што гласело неговото оригинално име на есперанто Respubliko de la Insulo de la Rozoj, била замислена како слободарски рај - микронација на издигната платформа во Јадранското море, 11 километри од брегот на Римини во Италија. Нејзината изградба ја започнал инженерот Џорџо Роса во 1967, кој со мали пари и голем ентузијазам успеал да направи платформа од 400 метри квадратни издигната на девет столбови, на која имало ресторан, ноќен клуб, продавница за сувенири и пошта.
„Државата“ ја прогласила својата независност на 24 јуни 1968, а Роса станал нејзин претседател. Набргу Островот на розата издал и марки, вовел валута („мил“), иако не е познато дали биле произведени и банкноти или монети.
Оваа неверојатна приказна конечно е раскажана во нов филм во продукција на Нетфликс, а до сега е сочувана во медиумски објави и во урбани легенди кои се шират од генерација на генерација во Римини. Пред својата смрт во 2017 на 92 години, Роса се сретнал со филмаџиите и по малку убедување им дал благослов за адаптирање на приказната. Филмот ја опишува конструкцијата на островот, неговата популарност кај младите и конфликтот на Роса со властите и со сопственото семејство.
Аргументите на италијанските власти, кои во принцип немале никакви ингеренции во меѓународните води (тогаш дефинирани како оддалечени 11 км од брегот на која и да е држава), играле на картата на моралот (затоа што на островот имало пиење, коцкање и други „сомнителни“ активности), на безбедноста (а што ако ова е камуфлажа за советски нуклеарни подморници?), или дека сето ова било само начин Роса да одбегне оданочување на приходите. Според филмот главниот негов мотив, покрај инженерскиот драјв, била желбата да се импресионира некогашната девојка која требало да се омажи за друг. Сепак, целиот потфат треба да се разгледува во неговиот историски контекст - годината е 1968, во половина Европа беснеат студентски демонстрации, хипи движењето прокламира отпор кон политичките структури, младите бараат оддишка која не можат да ја остварат на копното контролирано од родителите. Идеални услови за успех на слободарски проект, кој сепак сакал да биде повеќе од само дискотека на отворено. Оттаму, штета е што една приказна со ваков потенцијал е разводнета со комични моменти на чија сметка е намален ефектот на идеолошката позадина - напорите на естаблишментот да контролираат и да уништат каков и да е обид за ослободување од неговите стеги.
На крај системот победил - биле испратени карабињери и финансиски инспектори на островот, кои ја презеле контролата. Во филмот Роса aпелира до сите можни меѓународни институции, Обединетите нации и Судот за човекови права во Стразбур, каде пристигнува во самоделски направен автомобил. И покрај сите напори, на 13 февруари 1969 италијанската морнарица со експлозив ја уништува платформата, а притоа е регистриран еден смртен случај - кучето на Роса. Како резултат на целиот случај законите за меѓународни води се променети и сега наместо 6 изнесува 12 наутички миљи (22.2 km) од копното. До денес уништувањето на Островот на розата е единствената инвазија на Италија на туѓо копно.
Илина, Букбокс