Пјетро предава невро-биологија на државен универзитет, надевајќи се дека жртвите кои ги поднесува, тинтрајќи си го менторот и држејќи дополнителни часови на средношколци кои му должат стотици евра, ќе му се исплатат. Но планот да добие постојано работно место, a неговото петгодишно истражување „вредно за Нобел“ - компјутерски алгоритам за моделирање молекули - да продолжи да биде финансирано, пропаѓа. Известувањето од извршител за неплатените сметки, како и веста дека неговата девојка (инаку советник за рековалесценти од дроги) е бремена, ја прелеваат епруветата. Тој едноставно мора да најде друга професија. Или, уште подобро - конечно да го искористи своето знаење за добро на човештвото.
А како може невролог со знаење од хемија брзо и лесно да намлати пари ако не со тоа што ќе синтетизира подобра дрога од онаа на пазарот? Но Пјетро има уште полукав план - она што ќе го создаде да не содржи забранети состојки кои фигурираат на списокот на Министерството за здравство, па оттаму тоа да не е незаконско.
Тимот од експерти од различни области не му е тешко да го состави. Негови универзитетски колеги кои останале без работа заради тоа што државата не ги финансирала нивните истражувања или не им овозможила постојано вработување има колку сакаш. Во пресмешна сцена еден од нив - етнолог, чие „холистичко истражување на човештвото“ е преведено на 50 јазици - аплицира за помошник-автомеханичар и се обидува да делува како „дечко од улица“, раскажувајќи за своето сиромашно потекло и за вујкото чиј грклан бил пресечен од улични банди. Кога газдата го препознава дека е факултетски образован и сака да го истера („трет си неделава таков, не ми требаат луѓе што стално читаат“), тој се брани - „Да, завршив факултет, ама тоа ми е младешка грешка, за којашто длабоко жалам“. И како да се одрекува од Сатаната, додава, „Се откажувам од сите академски квалификации за да се вратам на ниво на шесто“.
Пјетро го собира него, уште двајца специјалисти за класични јазици кои работат на бензинска, археолог со комбе од државниот завод кое полицијата никогаш не го проверува, тип кој специјализирал „динамичка микроекономија“ и од мака преминал на системи за лажирање на покер, и некогашен колега на Пјетро, хемичар, кој порано излегол од проектот со моделирање молекули, за да се вработи како - мијач на садови.
И како што обично бива, првичниот успех на сите им удира во глава. Од „да си ветиме дека ќе продолжиме да го водиме истиот начин на живот“, до јахти, проститутки и „тестирање“ на новокреираната дрога на себе, работите бргу излегуваат од контрола. А тука е и главниот конкурент во бизнисот - некогашен универзитетски ескперт за поморски инженеринг.
Филмот ги има сите елементи на „фил гуд“ комедија, но особено за оние упатени во сите аспекти на универзитетската работа, истовремено е и горчливо апче, без посакувани психотропни својства. Иако карикирани, условите во кои младите и талентирани истражувачи се обидуваат да го работат она што најдобро го знаат, како и отсуството на генерална интелектуална клима која би го ценела и платила нивниот труд, многу личат на нашите. Со таа разлика што формирање ваков „дрим тим“ за паралегални активности кои би вклучувале наука кај нас е веќе речиси невозможно. Додека во филмот само еден планиран експерт е недостапен затоа што работи на рибарски брод некаде во Норвешка, кај нас ваква акција би можела да се изведе само со групен чет на Скајп. А најголемиот логистички проблем би бил како да се усогласат временските зони меѓу емигрираните во Канада, Дубаи, Осло, Синдеј или Виена.