Шведската мини-серија која од неодамна се прикажува на Нетфликс, почнува со централниот настан - убиството на шведскиот премиер Улоф Палме во 1986. Февруари е, и како што и би замислувале зимска вечер во Стокхолм, улиците се подмрзнати и речиси пусти. Во киното Гранд се дава шведската комедија „Браќата Моцарт“. Премиерот со сопругата, синот и неговата девојка апансас одлучуваат да појдат да го гледаат, без да ангажираат телохранители. Филмот почнува околу 21 часот и завршува по 23. Атентатот се случува во 23:21, на централната улица на главниот град, Свеавеген, во близина на киното, кога Улоф и неговата сопруга Лизбет се веќе сами. Треба да помине некое време за затекнатите минувачи, а и полицијата, да сфатат дека станува збор за премиерот на нивната држава. Смртта на Улоф е прогласена во болница неколку минути по полноќ.
Она што за сите ќе остане енигма до ден денес е - кој и зошто пукаше во него. И покрај купот теории за учество на групи, поединци па дури и официјални претставници на странски влади и разузнавачки служби, и по 35 години никој не е официјално осуден. Зошто е тоа така, кога нештата биле прилично јасни - се обидува да праша оваа мини-серија во пет епизоди, во која гледачот во ниту еден момент нема дилема. Дека тоа е Стиг Енгстром, навидум сосема обичен, полничок, заруменет и по малку „дедест“ лик, кој во 1986 имал 52 години. Неговиот карактер и изглед, со фатираната тегет јакна, тенките рамки на наочарите, карираното капче со „уши“ и торбичката околу зглобот, од него прават најмалку веројатен убиец, особено споредено со јаките играчи од типот на ЦИА, Курдите, усташите, расистите од Јужна Африка, инсајдерите внатре шведската полиција. Покрај сите нив, како може баш тој Стиг да биде убиецот?
Серијата го аргументира ова на многу убедлив начин, главно потпирајќи се на „когнитивната дисонанца“ на оние кои учествувале во истрагата. Иако на сите им било јасно дека неговото алиби виси на конец, дека изјавите му се контрадикторни и дека очигледно нешто крие, тие го исклучиле како главен осомничен само затоа што човекот и претходно манифестирал нарцисоидно однесување, гребејќи се за внимание кај елитите, додека всушност бил обичен графички дизајнер во осигурителната компанија Скандија. Има нешто „лудистичко“ во неговото одбивање да се откаже од цртањето на рака на рекламните материјали, и кршењето на компјутерот кој се заканува да му ја земе работата, на која тој ѝ е целосно предаден и без која не може. Единственото друго нешто без кое тој не може е алкохолот - речиси и да нема сцена во која тој не е со чашката в рака, дури и во канцеларија.
Серијата се обидува да ни го долови неговиот начин на живот, односот со втората жена (со која нема деца), постепеното маргинализирање од страна на колегите, тивката фрустрација која прераснува во гнев. Тоа дека тој го повлекол чкрапалото за да го убие премиерот можеби на крајот била и само несреќна коинциденција на нештата - тој самиот му се наместил, токму таа вечер, и на тоа место. Жртвата лесно можела да биде и некоја друга славна личност, само требало да се привлече медиумското внимание за Стиг конечно да стане славен.
Тоа и се случува, но не затоа што тој е прогласен за убиец, туку затоа што се самопрогласува за клучен сведок. Најпрвин медиумите и полицијата му веруваат, но наскоро, кога станува јасно дека многу нешта не се совпаѓаат, веќе не е земан за сериозно. „Остај го будала“, велат повеќето од нив, а само двајца новинари и по многу години остануваат на ставот дека наједноставната теорија е и најточна - дека не се во прашање ни тајни агенти, ни платени убијци, туку само еден човек, гневен на светот кој не ги забележува неговите квалитети.
Оваа серија е направена токму врз основа на истоимената книга на еден од нив, Томас Петерсон, кој го истражувал случајот триесет години подоцна. Единствена маана ѝ се честите хронолошки скокови кои понекогаш тешко се следат особено затоа што Стиг речиси во сите сцени изгледа исто. Но нејзината главна поента е убедлива - дека понекогаш не ги гледаме нештата кои ни се пред очи затоа што ни е тешко да признаеме дека обичен човек (како нас!) е подготвен на големо насилство.
Илина, Букбокс