Можеби „квака“ и не е најдобриот македонски превод на „кеч“, но на генерациите кои го читавме српско-хрватскиот превод некако ни легна, и тешко дека би можеле да го испадиме со некое ново „закачка“ или „финта“ 22.
Овој израз, кој опишува парадоксална ситуација од која човек никако не може да се извлече поради контрадикторноста на правилата на игра, всушност ја надмина популарноста на книгата од 1961, „густа“ проза која зборува за ужасите на Втората светска војна од гледна точка на повеќе ликови чии приказни се хронолошки испомешани. Главно припадници на измислената 256-та ескадрила на американското воено воздухопловство, тие се обидуваат да преживеат и да си го сочуваат разумот, додека секојдневно минуваат низ едно те исто - бомби, страв, бирократија, смрт, апсурд. За сето ова да се преживее мора да се биде по малку луд. А доколку некој навистина се повика на сопственото лудило како основа за заминување дома, тогаш тој е доволно рационален за да ја разбира тежината на ситуацијата, што значи дека е - нормален. Квака 22.
Книгата долго време е сметана за тешка за визуелизација, па освен филмот од 1970 на Мајк Николс (со Арт Гарфанкел, Џон Војт и Орсон Велс) друг обид за нејзино пренесување на екран до сега немало. Најновиот е мини-серија од шест епизоди на Хулу на тројца режисери (Џорџ Клуни, Грант Хеслов и Елен Курас), која иако крајно го упростува наративниот стил на Хелер, успева да ги пренесе главните пораки. Најголемата разлика во однос на книгата е редоследот на настаните - минисеријата е раскажана главно хронолошки и ја следи голготата на главниот лик Џон „Јо-Јо“ Јосариан, кој обидувајќи се да ја исполни квотата на летови и да замине дома постојано удира во бирократскиот ѕид: бројот на потребни постојано се зголемува, исто како и купот мртви млади тела на неговите војнички другари.
Всушност и тоа што има еден, а не 40 горе-долу подеднакво битни ликови е исто така различно од книгата. На некои од нив им недостасуваат и препознатливите карактеристики (на пример прекривката за око на мајорот де Коверли кого го игра Хју Лори), но кај други тие се уште понагласени, на пример во ликот на безочниот Мајло Мајндбендер, кој во воената апокалипса не гледа човечка трагедија туку можност за трговија, бизнис манипулација и отелотворување на идејата дека капитализмот победува дури и кога сите губат.
За да се биде сосема фер кон серијата сепак можеби е најдобро споредбите за момент да се остават на страна и таа да се цени самата по себе. Има нешто крајно трогателно во начинот на кој се контрастирани нуркањето во тиркизните води на Медитеранот, водењето љубов со римските проститутки и загризувањето свежо набран домат со сол и маслиново, и ризикот на секоја нова мисија која завршува со бројчаник - уште колку остануваат, и мисии, и преживеани. Генералната атмосфера е сончева, музиката во позадина е романтична накај весела, повеќето од ликовите се оптимисти, има сцени на кои човек паѓа од смеење, но сета таа нормалност делува ненормално во контекстот на војната. Таа извитоперува, поништува, морално изопачува, на повеќе начини убива. Последните сцени се симболични токму во оваа смисла - тие ја соголуваат сета вистина за човекот, кој кога е приморан да носи униформа и да убива други луѓе престанува да биде човек.