„Кон езерото“, или „Епидемија“, како што гласи оригиналниот наслов на руски, е серија снимана во текот на 2018, а базирана на дебитантска книга на Јана Вагнер, „Вонгозеро“ - име на реално езеро во Карелија. Москва е нападната од непознат, смртоносен вирус чии симптоми се кашлање крв, побелување на очите и генерален делириум. Како и во повеќето апокалиптични филмови чија тема се болести, и тука бргу по првите случаи почнува инфраструктурен и социјален распад, медиумска пропаганда, инфлација и безредие. Војската го заобиколува градот и забранува влез и излез.
Во целиот хаос ги следиме напорите за преживување на група луѓе, кои и покрај сите претходни анимозитети и разлики во карактерот, сега се упатени едни на други. Начинот на кој тие се портретирани е прилично стереотипен, како од современа народна приказна - новопечен богаташ со жена некогашна стриптизета, која е бремена со дете чиј татко не го знае. Негова ќерка-бунтовничка од првиот брак, тазе излезена од клиника за лечење зависност. Млад маж, негова сопруга и нејзин аутистичен син. Негова бивша сопруга и нивно заедничко мало дете. Негов татко, појавен среде пандемијата после години отсуство. Доктор собран некаде по патот, прекриен со снег и полн опасности, кој води до езерото. Во езерото остров, а на островот безбедно место каде сите би можеле да се засолнат додека не помине епидемијата.
И покрај нивното предвидливо однесување, како и повторливата сценаристичка шема која се состои од вовед во микрокриза-кулминација-позитивна разрешница, човек едноставно не може а да не ги изгледа осумте епизоди, а потоа да бара уште. Ова веројатно не би било така во нормални околности. Но оние кои ја откупиле за на Нетфликс во октомври оваа година точно знаеле што прават. Потребата од тоа во моментов да се дознае што се случува на крајот на апокалиптична, фиктивна серија за епидемија е всушност потреба да се дознае како ќе заврши истата таа епидемија во реалноста. Која е моралната оска врз која би требало да се потпира заедницата во тешки времиња? Каква е притоа улогата на религијата? Кои вештини се потребни за да се преживее среде снежна пустина, без интернет и без јасна слика за иднината? Во таа смисла серијата има прилично јасни дидактички пораки, потенцирајќи ја солидарноста и проштевањето како предуслови за продолжување на животот.
Во неа се спомнуваат и претходни историски документирани епидемии, како онаа на бубонска чума во Москва од 18 век. Мерките преземени од тогашните власти биле слични како овие денешните - присилни карантини кои предизвикале економска парализа, недостаток на храна, како и понатамошно продлабочување на класните разлики. Бил покренат бунт, кој кулминирал кога московскиот архиепископ ги спречил граѓаните да се соберат во Богородичниот манастир во Богољубово. На 15 септември 1771 огромна толпа граѓани на Москва се собрале на Црвениот плоштад, ја неутрализирале војската, влегле во Кремљин и ја уништиле резиденцијата на архиепископот (заедно со неговиот вински подрум). Бунтот се проширил, но бил сосечен од војската и од студеното време. Царицата Катерина Втора наредила да биде извадено „јазичето“ од црковното ѕвоно со кое бил најавен бунтот. Во таа епидемија умреле околу 200.000 луѓе само во Москва и околината.
Историјата на фиктивната пандемија во серијата ќе продолжи со втора сезона. А со нив и вознемирувачките паралели. Како на пример онаа дека на крајот на последната епизода во кадар се појавуваат - Кинези.
Илина, Букбокс