И покрај тоа што звучи како „обичен“ филм за коли и тркање, „Форд против Ферари“ е сепак нешто повеќе од тоа. Преку него дури и најнезаинтересираниот за автомобили и брзо возење може да научи нешто за овој свет на механичари, инженери со визионерски идеи, возачи кои си ја ставаат главата во торба, конкурентни производители. И сето тоа хронолошки лоцирано во време кога лудилото на трките било уште поголемо од денес, со оглед на пониските стандарди на безбедност при брзини и од над 300 километри на час.
Филмот кој трае два и кусур часа се движи брзо, како автомобил на писта, кревајќи го адреналинот, но истовремено претставувајќи ги и помалку спектакуларните аспекти на трките. Хенри Форд Втори (внук на стариот Форд) го најмува Керол Шелби (Мет Дејмон), некогашен тркач, сега инженер, да му направи возило кое ќе победи на најпрестижната трка 24 часа Ле Ман. Ова го прави од чист инает, откако му пропаѓа намерата да го купи Ферари. Керол пак како свој главен адут со себе го носи Кен Мајлс (Кристијан Бејл), најдобриот возач кого го познава. Резултатот е GT40, за многумина најубавиот Форд на сите времиња, кој во 1966, годината во која се одвива филмот, успева да ги земе првото, второто и третото место на спомнатата трка, а потоа да го победи Ферари и следните три години.
Керол и Кен се како јин и јанг во табиетите - првиот е дипломат и посегнува по радикални решенија само во крајна нужда и ненадејно, за да го збуни непријателот. Вториот е дежурен мрчатор и отворен мизантроп, кого до средината на филмот го засакувате до даска. А она против што тие двајцата треба да се борат се пред сè „апаратчиците“ во бирократијата на Форд, корпоративни „дечки“ кои си ја тераат маркетинг страната на приказната, гледајќи на трката како на рекламен спорт а не на натчовечки напор и витешки судир.
Некако е неправедно што Бејл не е номиниран за Оскар, бидејќи е навистина е убедлив, и покрај тоа што е последниот за кого би помислиле дека би му лежела улога на тркач со автомобили. За улогата морал и да ослабне, ама па и нема да му биде прв пат радикално да го менува ликот за некоја улога - за „Машинист“ мораше да симне 27 кила, за „Мрачниот витез“ да качи, па пак да изгуби, па пак да качи (последно за играњето на Дик Чејни во „Вајс“).
Ликовите и настаните во филмот се моделирани според реалните, иако познавачите на овој спорт замеруваат за тоа што е занемарен инженерскиот подвиг кој бил клучен за добивање на првата трка, и од драмски причини се става поголем акцент на вештината на возачите. Но без оглед на ова, филмот „вози“ и иако реално нема големи шанси за Оскарот за најдобар филм, сигурно ќе биде гледан и од оние кои се по „врм-врм“, и од оние кои баш не се.
Илина, Букбокс