Народот Улад Бука oд Мароко живее во тешки услови, обидувајќи се да го одржи традиционалниот, номадски начин на сточарење среде пустелија која не видела дожд со години. Kлиматските промени, прекумерното напасување и тоталната индиферентност од страна на државата, која воопшто не е заинтересирана за овие „слободарски“ племиња, прават овие жители на регион источно од планината Атлас да се препуштени самите на себе. Пејзажoт лесно може да биде сценографија за научно-фантастичен филм за замислени светови. Но она што е „научна фантастика“ во овој, реалниот, е - децата да можат да одат на школо.
„Зградата“ на училиштето ја имаат изградено самите номади, кои се раштркани со своите стада околу неа, во радиус од повеќе километри. Новиот наставник, и покрај скршените клупи и натрупаната прашина, е оптимистичен. Но некои од родителите се скептични околу тоа дали нивните деца треба да се образуваат. И во самите семејства се случуваат конфликти - мајка која сака нејзината единствена ќерка да учи и татко кој смета дека таа, со тоа што веќе влегла во пубертет, треба да се посвети на учење домаќински работи, а не на букви. Син кој сака да оди на школо секој ден и татко кој е подготвен да го дозволи тоа само два пати неделно, а потоа лут поради непослушноста на синот целосно му го забранува школувањето.
На крај во училиштето среде никаде има 11 ученици на различна возраст, кои за ужинка кршат погача печена под сач и пијат свежо измолзено млеко, одат во ВЦ во песокот малку подалеку од зградата, но како и сите деца сакаат да си играат и се љубопитни за нешто ново. Оние постарите како веќе да ја донеле одлуката - дека ќе се описменат, ќе научат занает и ќе заминат на некое друго место. Нивните родители се уште се мачат да најдат погодно место каде би го поставиле шаторот кој е нивен единствен дом, па макар тоа значело и отргнување на нивните деца од другарите и школото. Кога наставникот со четкичка испишува „Училиште на надежта“ на фасадата и ги прашува што значи тоа „надеж“, тие збунето трепкаат со очињата.
Филмот прави да се чувствуваме малку аздисано и засрамено - покрај сите услови кои стојат на располагање недоволно ја цениме скапоцената можност за стекнување знаења, а ни напорите на вистински ентузијастичните наставници да го пренесат. Во пустината на Мароко можеби нема вода, но има жед за знаење. И надеж дека тоа ќе им помогне на новите генерации да си го најдат патот.
Филмот е на програмата на Македокс на 25.08 (среда) во 23 часот во Куршумли-ан
Илина, Букбокс