„Амаја“ е моќна технолошка компанија, раководена од мистериозен сопственик по име Форест, чие посебно одделение - Devs (скратено од developers) - работи на таен проект со далекусежни последици по човештвото. Започнат поради крајно интимни мотиви на Форест, кои не се однесуваат на личното богатење, тој забегува во опасната територија на вечната дилема - дали сме господари на нашата судбина? Имаме ли слободна волја и моќ на избор? Или што и да направиме нештата биле веќе „пишани“, во случајов кодирани во Големата програма на универзумот?
Сценаристот и режисер на „Екс макина“ (Ex Machina) и „Истребување“ (Annihilation), Алекс Гарланд, веќе има искуство со вакви теми кои го обработуваат односот на човекот со вештачката интелигенција, од која тој во еден момент станува неразделен (органски?) дел. Паралелно со ова, „Девс“ го истражува култот на личноста и ризикот за „играње Бог“ на богатите и визионерски настроени технолошки корпорации, односно на нивните сопственици. Има тука и руски шпиони, и теории на заговор, и убиства на оние кои ќе дознаат повеќе отколку што требало. Сето тоа, комбинирано со естетски речиси совршен производ (локацијата и зградите на „Амаја“, просториите и квантниот компјутер на тимот на Девс, прекрасни панорамски кадри на Сан Франциско) прават една гледлива серија која не е замислена да биде само добро спакуван сајбер-трилер.
Сепак, квантниот скок кон нешто повеќе е оневозможен од еден наводно банален елемент, кој сепак ја прави целата разлика - актерската способност на младата Соноја Мизуно, која ја игра Лили, вработена во „Амаја“ чиј колега и дечко исчезнува откако е регрутиран како член на Девс. Нејзиниот дед-пен лик во СЕКОЈ кадар од серијата (или по наше - „ни на живо се смее, ни на мртво плаче“) е како онаа парабола со кравата и кофата млеко. Џабе Гарланд ни ги наместил сите коцки и нè вовлекол во овој од надвор гламурозен а од внатре морничав свет, кога главната актерка при секое отварање на устата ни ја руши внимателно креираната илузија.
Таа внимателност се однесува и на изборот на музиката, на пример на траки од „Официум“, албумот на Јан Гарбарек од 1994, кои помагаат во креирањето на атмосфера која е истовремено и пријатна и благо морничава. Провејуваат отворени теолошки, но и посуптилни референци на книжевни и филозофски дела (вклучително и во самото име на серијата). Во првата епизода, на пример, Лили ја чита поетската збирка „Колосот“ на Силвија Плат, која е обраќање кон џиновска статуа, кон нешто наспроти кое сме мали и немоќни, каква што е таа во однос на гигантската корпорација. Втората поетска референца е од седмата епизода, кога Стујард, еден од постарите вработени во Девс (истовремено и еден од ретко погодените актери во серијата, Стивен МекКинли Хендерсон), ја рецитира „Аубаде“ на Филип Ларкин.
That this is what we fear — no sight, no sound,
No touch or taste or smell, nothing to think with,
Nothing to love or link with,
The anaesthetic from which none come round.And so it stays just on the edge of vision,
A small unfocused blur, a standing chill
That slows each impulse down to indecision.
Most things may never happen: this one will.
„Повеќето нешта можеби никогаш нема да се случат: ова ќе биде“, вели оригиналот. Но во верзијата на Стујард еден збор е намерно избришан - во неа нема „можеби“.
Кога серијата ќе заврши останува впечатокот дека нејзината голема амбиција е само делумно остварена. Но доволно за да се сеќаваме на она што таа успева да го погоди - нашата јанѕа од помислата дека што и да направиме, на крајот ќе завршиме онака како што ни предодредила наречницата во форма на код.
Илина, Букбокс