Букбокс гледаше

„Човекот што иташе: филм за Ентони Бордејн“ (Roadrunner, 2021)

Направен три години по неговото самоубиство, ова не е биографски филм за славниот патник и готвач. Повеќе е катарзичен обид на неговите блиски да одговорат на прашањето - „Зошто?“.

„Ви најавив дека ќе ви ја кажам вистината. Ова е дел од неа. Не бев квалификуван за работата, пловев во длабоки води кои беа и брзи. Струите се менуваа без предупредување. Како и голем број други патници, наместо да гледам низ прозорецот почнав да се вртам навнатре, да гледам што се случува надвор преку обратна призма. Пишано е дека треба да му бидам лојален на кошмарот на мојот избор. Сега разбирам што значи тоа.“

Сезона 1, Eпизода 8 од Parts Unknown посветена на Конго (2013)

Eнтони Бордејн почина на 8 јуни 2018. Имаше 61 година и славна кариера на готвач, патописец и писател. Некој пресметал дека при снимањата на сериите (A Cook's Tour, No Reservations, The Layover и Parts Unknown) поминал повеќе од милион километри, посетил 500 поединечни локации и ја заобиколил планетата најмалку 26 пати. „Сакам да направам филм за тоа зошто тој беше она што беше“, вели режисерот Морган Невил на почетокот на „Роудранер“. Невозможна мисија и за попитом лик од оној на Бордејн, а камоли за таков распнат помеѓу противречности, од емпатија и хуманост, до крајна раздразливост и неспокој.

Ако има точка во која се наѕира зародишот на расцепот помеѓу Бордејн-човекот и Бордејн-ликот, тоа според филмот е кога славниот автор на автобиографската „Доверливо од кујната: авантури низ мрачните страни на кулинарството“ (за којашто објавивме осврт тука) почнува да патува за шоу чии различни верзии, за повеќе ТВ станици, ќе му проголтаат (иронично, како што тој голта сè и сешто по пат) цели 265 дена годишно, цели 16 години. Некогашен зависник, на својата раскажувачка задача тој ѝ пристапува подеднакво ненаситно, особено поради тоа што (изненадувачки) тоа му е прв пат воопшто да патува. Еден од долгогодишните продуценти открива дека, освен во Франција кај бабите и дедовците, Тони претходно немал патувано никаде. Она што го знаел за светот било главно од книги и филмови. Но дури и за ваквата љубопитност има некаква здрава доза, која Бордејн многу брзо ја надминува. Освен тоа, кој ги планирал набиените агенди? Нели можело сето тоа да биде порелаксирано и без толку итање? Можело ли да биде...понормално?

Интервјуираните во филмот, некои од нив продуценти кои работеле со Бордејн за сето тоа време, како да мијат раце од своето можно „соучесништво“ во стресната атмосфера и како да го маргинализираат влијанието на суровата медиумска индустрија која можеби го вршела притисокот за поместување на границите, и во смисла на квантитет на произведени материјали, но и во смисла на постојано кревање на критериумот за егзотика и возбуда. „Не сакам да обвинам никого. Некои викаат жената, други викаат љубовницата. Не, Тони сам крена рака врз себе. Тој го стори тоа“, вели еден од нив. Друг низ солзи раскажува како Бордејн го обвинил дека е лош татко. „Да не се проектирал себеси?“, прашува режисерот од зад камера. „Да, да, ама болеше“, продолжува тој. „Со тоа што се уби ме предаде“, вели трет. Многумина во филмот всушност зборуваат за себеси и колку се повредени од ненадејното заминување на нивниот пријател, кој инаку знаел и да ги вади од кожа. Најдостоинствен и дискретен притоа е неговиот близок пријател, шефот Ерик Рипер, кој бил со него при снимањето на последната епизода од Parts Unknown, непосредно пред самоубиството. „Како да го разбереме она што се случи?“, го прашува режисерот. „Не сакам да зборувам за тоа“, отсечен е Рипер.

Гласот на самиот Бордејн останува тивок и мистичен, дури и кога е директно цитиран во филмот. Всушност, токму ова предизвика лавина реакции по неговата премиера, кога се дозна дека режисерот искористил вештачка интелигенција која била „хранета“ со аудио снимки на Тони за да може со негов глас да бидат прочитани неколку реченици, кои тој во текот на животот никогаш не ги кажал гласно (иако ги напишал). Иако многумина тука видоа етички сомнителна постапка, во филмот границата на приватноста не е нарушена со некакви ексклузивни и до сега непознати откритија. При крајот, кога станува збор за неговата врска со Ејжа Арџенто (една од оние кои го започнаа движењето #MeToo, со тоа што го обвини Харви Вајнстин за силување) човек дури и посакува таа да била вклучена со изјава и да се слушне и нејзината страна од приказната за тоа дали наводните проблеми во нивната врска била една од причините за неговото самоубиство, како што се создава впечаток во филмот.

Она што останува како чувство по неговото гледање е една голема тага, за човек кој не смогнал сили да го најде својот мир. Тоа неспокојство дополнително било подгревано од една цела култура на забава и правење пари која не знае за доста. "It's all there", вели една негова соработничка, мислејќи на тоа дека во сниманите материјали и во неговите лични постови има толку многу референци на смрт, самоубиство, немир и лутина, што крајот не требало да изненади. Дали тој пак можел да се превенира? Или, со зборовите на Конрад од „Срцето на темнината“, кого Бордејн често го цитирал, нему му било пишано да остане лојален на кошмарот на својот избор?

Илина, Букбокс

9 август 2021 - 10:28