Букбокс на Киненова

„Човекот кој ги изненади сите“ (2018)

Еден од универзалните мотиви во бајките од целиот свет е претворањето на човек во друго суштество, за тој да постигне некаква цел, некого да измами, да се спаси. Колку што е помоќен непријателот, толку измамата треба да биде поуверлива. А оваа е токму таква.

Јегор, главниот лик во „Човекот кој ги изненади сите“ е шумар во сибирската тајга, скромен и посветен татко и сопруг, кој со жена си го очекува второто дете. Не се богати, но дрвената куќичка и малиот имот со животни - маторица со прасиња, гуски - создаваат чувство на топлина и дом среде сибирското студенило.

Набргу оваа идила е нарушена. Јегор има рак, краен стадиум. Уште најмногу два месеци живот, кои според советот на селскиот доктор е најдобро да се минат во болница, „за да не се оптоварува семејството“. Но Јегор уште нема сила да им ја соопшти веста на домашните, купувајќи време до моментот кога навистина ќе му биде лошо. „Може да ја орочите заштедата на три месеци за повисока камата“, му вели службеничката во банка. „Не, два е во ред“, вели тој.

Моментот доаѓа побргу отколку што очекува. Жена му го носи и кај градски доктор, и кај шаманка која бае со препариран гавран врз главата за да може да купи вотка. Ништо не помага. Но една приказна која му ја кажува бабата му останува во умот. Некој патор требало да умре. За да ја прелаже смртта, тој се преправил во гуска. Кога смртта дошла, не можела да го познае среде другите птици. И го поштедила.

Ова е моментот кога приказната се прекршува и тргнува во неочекуван правец. И семејството, и соселаните, и гледачите на филмот. Јегор купува женски алишта - црвен фустан, месо боја хулахопки, црни чипкасти гаќи - се шминка, и само со едно црно чантиче на рамо се затвора во помошната куќичка во дворот.

Она што следи сепак не изненадува. Заедницата хистерично реагира на промената, а дури и најблагонаклоните го советуваат својот соселанец дека е подобро да умре на нога, „како маж“, отколку да се брука на штикли. Натепан, само со тоа чантичето, тенкиот фустан и скинатите чорапи, Јегор се повлекува во шумска колиба. Цеди роса од смреките, јаде бобинки и гледа да им се трга од патот на силните мажи кои работат во тајгата, а кои сепак во еден момент го начекуваат.

И така, мачно, до моментот кога жена му ќе му се придружи, во трогателна сцена капејќи го неговото нејако асексуално тело, и ставајќи му руменило и римел. Така, Јегор, борејќи се со смртта, победува повеќе душмани одеднаш - сопствениот страв, ужасот од можната двојна загуба на семејството (физичката, со смртта на Јегор, но и социјалната, со неговото „заминување“ како татко, заштитник и маж) и осудата од средината, која нема милост дури ни за последните обиди за спас на човек на умирање. Така, бајката за трикот на паторот станува повеќеслојна, и како апокрифна приказна за нечие спасение, но и како остра критика на нетолеранцијата. Во приказната за птицата не беше спомнато малтретирање од страна на другите во јатото, па стереотипно глупавата „гуска“ во оваа останува човекот.

Освртите за филмот често ја толкуваат приказната како суров опис на руската хомофобија. И ова секако стои, но неговите пораки се многу подлабоки од тоа. Како се менува човек соочен со ултимативниот крај? Дали смртта е навистина најлошото што може да му се случи во средина во која и животот не е ништо полесен? Шаманскиот круг на исцелување низ кој минува Јегор го минуваме сите, повремено криејќи се од „лошото“ во шумски колиби во умот, преправајќи се во нешто што не сме, за да излажеме, или за да се излажеме. Некој од овој процес излегува обновен. Некој среде шума, изеден од ѕверовите, во форма на луѓе.

Сценарио и режија: Наташа Меркулова и Алексеј Чупов
Главни улоги: Јевгени Циганов, Наталија Кудрјашова, Јуриј Кузнецов

ЕДИТ: РЕПРИЗА НА ФИЛМОТ НА КИНЕНОВА Е НА 13.10 (НЕДЕЛА) ВО 18  22 ЧАСОТ ВО КИНОТЕКА

7 октомври 2019 - 09:12