Букбокс гледаше: „Заробено општество“ или кога една оценка менува живот (2022)

Петок попладне, шестмина наставници од средното училиште „Руди Дучке“ во неименуван германски град едвај чекаат да си одат дома. Но некој чука на вратата од канцеларијата - родител кој бара правда за своето дете. Во џебот има пиштол.

„Заробено општество“ (на HBO насловот на англиски е Locked-in Society) има само една, но голема маана - што е правен и (логично на тоа) категоризиран како комедија. Затоа што нема ништо смешно во описот на образовен систем во кој на наставниците им е преку глава од излегување на крај со незаинтересирани и арогантни тинејџери, во кој на младите им се тотално неатрактивни професори кои не сакаат да се претворат во „инфлуенсери“ и во систем кој, барем во германскиот случај, може да одлучи нечија понатамошна судбина само врз основа на еден бод. 

Фабијан Прохаска е ученик од четврта година во државна гимназија, а од неговите оценки на крајот на годината зависи дали ќе може да матурира односно да продолжи на факултет. Поконкретно, во неговиот случај станува збор за само едно поенче, кое професорот по латински му го има одземено поради „доцнење со есејот“ и тоа за цели две минути!

Таткото на Фабијан, не можејќи да се помири дека тој еден бод ќе ја одреди животната судбина на син му, едно петочно попладне влегува во наставничката канцеларија и ги „киднапира“ шестмината присутни наставници. Најпрвин со многу човечко барање за муабет со наставникот по латински, а откако ќе биде грубо одбиен со бирократски образложенија („терминот за консултации ми е од тогаш до тогаш, тој и тој ден“) со пиштол и наредба - во следниот час да одржат вонреден наставнички совет и реално да заклучат дали Фабијан заслужува повисока оценка. 

Од тука филмот почнува да личи на верзија на „12 гневни луѓе“, во кој секој од ликовите ја легитимира својата позиција - од крајно конзервативната на професорката по француски и музичко, која и физички изгледа како излезена од „сепија“ обоените филмови за Источна Германија, преку хемичарот н'рд со чорапосандала кому му се важни само тројцата од генерација кои се интересираат за Боровиот модел, до лабавиот наставник по физичко кого го бие глас дека имал врски со ученички. Од челото на масата цел филм не се мрда главниот за конфликтот, класичарот пред пензија, кој во буквалниот црн тефтер си води статистика за секој ученик. Најлиберална е наставничка дојдена на обука, која најпрвин срамежливо а потоа сосема отворено го критикува училиштето како заглавено во времето, „со само една и-мејл адреса и рутер во канцеларијата на секретарката“. 

Дискусиите за смислата на образованието, педагошкиот пристап („флертување“ и прилагодување на каприците на учениците наспроти „цврстата рака“) се навистина интересни и доколку ова би било асли драма истите би можеле да бидат и критички многу посилни. Вака, демек на комичен начин, стереотипите за одредени предмети односно наставници (физичко мора да е фраерот, хемичарот-научник гикот) само се цементираат, а критиката не боли дури ни колку оние дебелите дрвени лењири по газ. И кога на крајот ќе се случи долго најавуваната експлозија во кабинетот по хемија, поради заборавен експеримент, и тоа звучи како „пуф“ наместо да оддекне како „БУУУМ!“. Сепак, целата поставка која личи на театарска има огромен потенцијал, и нечија умешна драмска преработка, во консултација со реални професори од нашите гимназии, би можела да резултира со одлична претстава.  

Илина, Букбокс

3 септември 2024 - 09:48