Едната ја сакала Дасти Спринфилд, другата се потпишувала како „Ринго Стар“, третата користела вах-вах за гитарата да ѝ звучи како Хендрикс, а таткото на четвртата ја продал колата (Опел Олимпија) за да ѝ купи бас како оној на Пол Мекартни. Слободанка-Дода, две Лилјани и една Нена во 1960-тите палеле и гаселе на белградската и на пошироката екс-југословенска сцена. Биле сонувачки - членки на ВИС „Сањалице“, но и бунтовнички и (не само Титови) пионерки, формирајќи го првиот целосно женски рок бенд во земјата, на Балканот, а можеби и во Европа.
Како до сега не сме знаеле за нив, кога издале три плочи, весниците пишувале за нив а ги полнеле салите од Триглав до Вардар (да, имале настапи и во Македонија)? На вчерашната (15.07) премиера на документарецот посветен на нив, во салата на „Фросина“ во рамки на Синедејс, жешка од музика а можеби и од папсан еркондишн, беше забележително присуството на повозрасна публика - можеби затоа што тие памтат нешто што официјалната музичка историја го има заборавено.
Карабурма во шеесетите била работничка населба. Три малолетни девојки, одлични ученички и по сè „обични“, одлучуваат да направат нешто необично. Со голема поддршка од родителите, кои сите работеле во истата конфекција а живееле и во иста зграда, купуваат инструменти достапни во тоа време во Југославија, си ги делат музичките улоги според афинитет или според „нема кој друг-мораш“ и почнуваат да свират. Најпрвин вежбаат со двајца поискусни пријатели - тапанар и органист - и тоа во еден од становите. Тој е толку тесен што додека свират не можат да се видат, распоредени во долгиот ходник и различните простории. Но кога тапанарот е повикан во ЈНА, тој ги предава палките на својата девојка, а петтиот, машки член, се чувствува како „вишок“ и се откажува. Така е формиран конечниот изглед на бендот кој почнува да настапува на натпревари, фестивали, модни ревии, рамо до рамо со ѕвездите на југословенската музика. Со тогаш младиот Драган Николиќ неколку месеци свиреле во мјузиклот „Битници“. Издале три ЕП, а нивните песни се вклучени во две компилации од 2000-те.
Низ архивски снимки разиграни и со малку анимација, но и интервјуа со четирите дами, за среќа сите се уште здрави и живи (дотерани како вистински рок диви), режисерот и ко-сценарист Владимир Петровиќ, успева да ни ја долови не само конкретната приказна, туку и да ја постави во поширок социјален контекст - навидум конзервативната и патријархална средина, која по првичниот шок сепак ја прифатила „аномалијата“ на женски бенд како „нормална“. Додуша не без потреба да се докаже дека не станува збор за деликвентки и лош пример за младината, и тоа преку објавување на нивните оценки од ученичките книшки во весниците и списанијата!
Приказната трае до 1969, кога некогашните тинејџерки се наоѓаат на раскрсница - дали ќе ја одберат музиката како професија, или ќе ги тераат факултетите и семејниот живот? Иако имаат понуди, ниту една од нив не се одлучува да тера соло, сонот им вреди само ако е колективен.
На четирите сонувачки им посакуваме добро здравје - зошто да не и еден кам-бек, и овој пат како бунтовнички?
Илина, Букбокс