На 9 јули 2013, две години по несреќата во нуклеарната централа Фукушима, на 58 години умира нејзиниот некогашен раководител, Масао Јошида. Неговото детално сведочење за она што се случувало во централата во текот на инцидентот е објавено во книга под наслов „Сведоштвата на Јошида“. Новинарот Рјушо Кадота направил интервјуа со 90 лица кои учествувале во акцијата на спречување на нуклеарна катастрофа. Тие се објавени во „На работ: инсајдерската приказна на Фукушима Даичи“.
Tокму овие искази се основата на серијата „Денови“ на Нетфликс чија премиера се случи овој месец. Таа тргнува од познатите факти - дека на 11 март 2011 во местото Окума, регионот Фукушима во Јапонија се случила нуклеарна катастрофа чија непосредна причина биле земјотрес и цунами, потрес кој и до денес е најсилниот кој некогаш бил регистриран во инаку трусната земја. Резултатот бил една од најстрашните нуклеарни несреќи од Чернобилската во 1986.
Бидејќи темата е иста - нуклеарна катастрофа, логична е и споредбата со серијата за Чернобил од 2019 на ХБО (за која, меѓу другото, пишувавме тука). Таа споредба, иако не е целосно оправдана поради различниот историски, технолошки и културолошки контекст, прави „Денови“ да е многу послаб наративен и филмски производ, и покрај видливо огромниот труд да се биде верен на вистината, односно на претходно спомнатите документирани искази на директните учесници.
Непотребно детално и често сме потсетувани на она што се случува - земјотресот ја прекинува доставата на струја до централата. Кога удира и цунамито и ја поплавува станицата, лоцирана само 10 метри над морското ниво, водата ги уништува и дизел генераторите. Целосно без струја, реакторите веќе не можат да се ладат и вработените почнуваат да смислуваат алтернативни начини прво, како воопшто да пристапат до „жешките точки“, а второ, што да преземат за целата работа да не ескалира. И така цели осум епизоди, неуспешни обиди на луѓе кои се подготвени да се жртвуваат, дозиметри што бипкаат ко луди од радијацијата, политичари ко муви без глава и медиуми кои се подеднакво збунети како и граѓаните поради недостатокот на вистински информации.
И покрај целата минуциозност на пренесување на атмосферата внатре централата и канцелариите на политичарите и очигледно затечените „експерти“, само една човечка приказна, на семејство на вработен кој рано во приказната починува во цунамито, е врската со „обичниот народ“ и неговата судбина во текот на катастрофата. Единствен подобро разработен лик е оној на раководителот на централата, Јошида, за кого не дознаваме приватни детали, но кого некако го засакуваме поради тврдоглавоста, посветеноста и покажување среден прст на неспособните авторитети. Па сепак, дури и тој не може баш да се „раскрили“ во постојаниот луп на едни те исти проблеми, без видлива катарза.
Дознаваме дека нешто треба да работи на толку и толку вати, најупорните можеби ќе изгуглаат колку е тоа 97 милисиверти на час или ќе се загледаат во нацртите на централата на работните маси на тимот за итни интервенции. Но ова се детали, а суштината која требаше да нè погоди во човечкото а не во машинското срце, изостанува. Можеби во некоја друга верзија на серија или филм сите овие факти ќе бидат употребени на наративно поатрактивен начин.
Илина, Букбокс