CODA светската премиера ја имаше на Санденс на самиот почеток на оваа година, а уште тогаш имаше критики и коментари дека би можел да биде еден од најдобрите филмови за 2021. Всушност, станува збор за преработка („поамериканчување“) на францускиот филм „Семејството Белие“ од 2014. Европскиот имаше шест номинации за Цезар, ја oсвои наградата за најдобра комедија на Европските филмски награди, но веројатно поради францускиот не успеа да се пробие вон стариот континент. Новата американска верзија е (очекувано) многу по „фил гуд“ и поправолиниска од оригиналот, но сепак доволно шармантна за да ги освои дури и потврдите срца.
17-годишната Руби е единствената во семејството Роси која нема оштетен слух. Мајката, таткото и братот се глуви, и затоа и несвесни за нејзиниот голем музички талент. Таа пак се чувствува обврзана покрај училиштето да им помага во семејниот риболовен бизнис, да им служи како преведувач на знаковен јазик во комуникацијата со локалните власти и препродавачите, и оттаму ги поттиснува своите амбиции. Но тогаш во приказната влегува нов професор по музичко, кој не само што ја прима во школскиот хор, туку и ја подготвува за аудиција за престижниот музички колеџ Беркли.
Тоа дека Руби и покрај сите премрежја ќе се запише на факултетот некако е јасно уште од почетокот на заплетот. Но ваквата предвиливост не пречи, она што освојува се деталите на животната рутина на семејството семејство, кое истовремено е, и не е како другите. Тоа што три члена се глуви создава и непријатни, но и крајно смешни ситуации, кои сепак никогаш не ја преминуваат границата на добриот вкус. Има и трогателни моменти, кога мајката признава дека кога се родила Руби посакала детето да е глуво исто како и останатите членови на семејството, за неговата судбина да биде преплетена со нив. Кога излегува дека тоа нема засекогаш да биде така, моментот на прекршување за момент е болен. На крај сепак патот на Руби е отворен.
Илина, Букбокс