„Кригшпил“: германската друштвена игра што го смени начинот на кој се водат војни

Користејќи го симулаторот за биење битки, „Кригшпил“, Хитлер ја презел Франција, Сталин го избркал Хитлер, а Реган го спасил светот од нуклеарна катастрофа. Со други зборови, игра не е зафрканција.

На 10 јануари 1940, мајорот Хелмут Рајнбергер од 7-та воздухопловна дивизија на Хитлер возбудено се обидувал да изгори некои документи, додека белгијските војници наближувале за да го уапсат. Маглата го скршнала неговиот авион и го натерала да се приземји во Белгија, тогаш сè уште неутрална земја - тој, наспроти правилата, со себе ги носел плановите за Хитлеровата инвазија која требало да се случи подоцна истиот месец. Нацистите планирале да се придвижат низ оваа земја за да ја неутрализираат Франција и Британија, и потоа да фатат накај исток, без да испровоцираат напад на сојузниците. Но Рајнбергер имал уништено само дел од плановите кога непријателите го начекале. Инвазијата била одложена, а нацистите морале да испланираат сосема нова стратегија. Во меѓувреме, кога дознал за ова, Хитлер наредил мајорот да биде суден во отсуство и осуден на смрт.

Фирерот бил особено бесен бидејќи секогаш повеќе сакал да си го следи инстинктот наспроти советите на своите стратези. Оваа конкретна откажана инвазија била испланирана користејќи симулатор, „Кригшпил“ или воена игра. Таа се играла на намалени мапи на реални територии. Офицерите биле поделени на два тима, контролирајќи трупи кои ги претставувале германските и непријателските сили. Секој потег претставувал двоминутно војување, а тимовите можеле да го прават сето она што и реалните сили би го правеле во тоа време - да ги придвижуваат трупите, да праќаат извидувачи, да иницираат напад. За да се симулира маглата на војната, тие не можеле да ги видат целосните позиции на своите опоненти.

Хитлер, кој немал формална воена обука, ја опишал играта како „детска“. Неговите офицери претходно ја искористиле за (додуша неуспешно) да го премислат околу иницирањето на конфликтот. Во 1938, кога Фирерот размислувал за инвазија на Чехословачка, генералот Лудвиг Бек ја презентирал Кригшпил за да му покаже дека нападот би ескалирал во Втора светска војна. Хитлер пак сакал да ја нападне соседната земја за да ја зајакне слабата германска економија. Но токму таквата ситуација била причината зошто војна воопшто не требало да има - Германија не била во позиција да се избори ни со Франција, ни со Британија. Хитлер сепак наредил да се следат неговите наредби, а не да му покажуваат некаква си игра. 

Но излегло дека понатаму таа сепак му била корисна. По катастрофалниот лет на Рајнбергер, Хитлер морал да најде нов начин да ги блокира сојузниците. Капетанот Ерих фон Мајнштајн му покажал, преку Кригшпил, дека храбра стратегија би било да се помине директно преку Франција кон Англискиот канал и така да се пресечат сојузничките сили. Ова очигледно се поклопило со интуицијата на Хитлер. Планот на Манштајн бил успешен, и нацистите ја освоиле Франција во јуни 1940.

Кригшпил била користена од германските стратези речиси цел век, но таа била и постара од тоа. Всушност, нејзините корени се во шахот, а во доцниот 18 век, германскиот математичар Јохан Хелвиг се обидел од неа да направи практична алатка за воени вежби. Така, дополнета со 1.617 квадрати и модерна артилерија, се родила Кригшпил.

Поедноставени верзии на истата имале комерцијален успех и се нашле и во домовите на цивилите. Во 1913, познатиот писател Херберт Џорџ Велс, гласен пацифист, објавил книга со правила за варијанта на играта на речена Мали војни. Се надевал дека на овој начин ќе ги „зарази“ играчите со идејата за мир, а не за милитаризам, укажувајќи на ужасите на војната. Таа можеби не ги сопрела војните, но инспирирала ново семејство комерцијални воени игри. 

Кригшпил се јавува и во подоцнежната историја на нацизмот, но овој пат како елемент на неговиот пад. На крајот од 1940-тите, Хитлеровите офицери ја планирале инвазијата на СССР. Според нивните симулации, тие требало да уништат 240 советски дивизии, оставајќи само 60. Она што тие не го знаеле е дека на другата страна и Сталин ја играл истата игра, и тоа со генерал Жуков, кој ги „глумел“ Германците. Жуков бил толку добар во играта, и толку го уплашил Сталин, што овој наредил масивна мобилизација на трупите во реалниот свет. Така, по инвазијата тој останал не со 60 туку со 220 дивизии, а со доаѓањето на зимата Германците веќе го насетувале сопствениот крај. 

Уште една, само малку поинаква игра, го има спасено светот. Во 1983, додека тензиите на Студената војна почнале да растат, политичкиот теоретичар Томас Шелинг организирал тајна симулација, низ игра, на нуклеарна војна, за 200 американски политичари и воени команданти. Резултатот ги ужаснал сите - во некои сценарија, нулеарната војна довела до целосно уништување на животот на Земјата. Како резултат на овие вежби, администрацијата на Роналд Реган го поддржала стишувањето на нуклеарната реторика и отворила преговори за контрола на оружјето со Советите. 

извор

16 јуни 2024 - 13:28