Британската библиотека во Лондон и претходно има вклучувано дигитални дела на своите полици. Сепак, ова е прв пат цела изложба да се врти околу „начините на кои дигиталните технологии го моделираат начинот на кој комуницираме и раскажуваме приказни“.
Таа вклучува високо оценети комерцијални класици на интерактивното дигитално раскажување, како наративната фиктивна игра „80 денови“ од 2014, елизабетанската авантура-комедија „Астрологастер“ или интимните лични наративи како „c ya laterrr“ - автобиографски хипертекстуален мемоар за загубата која ја доживеал авторот, Ден Хет, кога неговиот брат бил убиен во арената Манчестер при терористички напад во 2017. И покрај скромната величина на изложбениот простор, кураторите избрале широк опсег дела од различни жанрови, теми и емоции, направени со различни дигитални алатки.
Сите тие се преставници на моменти од неодамнешната историја на развојот на дигиталните медиуми, а има и такви кои се сè уште во фаза на развој. Таква е Windrush Tales, интерактивна наративна игра базирана на искуствата на карипските имигранти во поствоена Британија, која ја одбележува 75-годишнината од нивното пристигнување во оваа земја.
Изложбата е корисен водич и прв чекор кон запознавање со овие игри кои се сепак наменети за подолго и самостојно консумирање. Таа ќе биде отворена до 15 октомври.