Јубилејниот, 80-ти Венецијански филмски фестивал започна на 30 август и ќе трае до 9 септември. Иако првично требаше да се отвори со светската премиера на „Предизвикувачи“ (Challengers) на Лука Гвадањино, МГМ/Амазон во последен момент го повлекоа филмот и ја одложија премиерата поради тековниот штрајк на холивудските филмски работници и актери. Наместо со него, фестивалот се отвори со италијанската драма за Втората светска војна, „Команданте“.
Токму овој штрај, најголем во последниве 60 години (за кој претходно пишувавме тука) ја обележа организацијата и целата атмосфера на почетокот на фестивалот, особено кога станува збор за присуството на познати актери. Некои од нив решија да ги испочитуваат ставките во договорите со своите студија за промоција (што е дозволено дури и за време на штрајк), но други останаа дома за да одбегнат обвинувања за штрајкбрехерство.
Претседател на жирито оваа година е американскиот режисер Дамиен Шазел, Французинката Алис Диоп ќе го раководи жирито за доделување на наградата Луџи де Лаурентис за дебитантско остварување, а Италијанецот Јонас Карпињано е на чело на жирито за секцијата „Хоризонти“.
Еве некои од филмовите за кои најмногу се зборува:
„Ферари“
Филм на Мајкл Мен со Адам Драјвер и Пенелоп Круз, по чија проекција во четвртокот (31.9.) преполната сала го награди со шестминутна стоечка овација. Присутниот Дравјер со насолзени очи го изгледа трагичниот крај на филмот за славниот возач, Енцо Ферари, базиран на биографија за него од Брок Јеитс. „Ферари“ се случува во текот на летото 1957 додека возачот истовремено се соочува со банкрот, развод и смртта на својот син. За да го спаси својот бизнис Ферари ја почнува трката „Илјада милји“ низ Италија.
„Сироти нешта“
Имињата на Јоргос Лантимос како режисер и актерите Ема Стон, Марк Рафало и Вилијем Дафо, самите по себе предизвикуваат доволен интерес. Кога на тоа ќе се додадат екстравагантни костими и сценографија која е опишана како „Дизниленд на стероиди“, веќе е јасно дека филмот ќе мора да се погледне. Приказната е следна: оживеана од откачен научник, девојка бега со адвокат и почнува авантура преку повеќе континенти. Филмот е базиран на истоимена книга на сега починатиот шкотски автор Алисдер Греј.
„Маестро“
Биографски филм за славниот композитор и диригент Леонард Бернштајн со Бредли Купер во главната улога, кој е истовремено и негов режисер. Филмот е продуциран од Скорзесе и Спилберг, а се фокусира на турбулентната врска помеѓу Бернштајн и неговата сопруга Фелиција Монтеалегре. Кога излезе првиот трејлер, филмот предизвика контроверзи околу користењето „протетички“ нос од страна на Купер за да личи на композиторот (дали било антисемитско или не). Филмот се очекува на Нетфликс на 20 декември.
„Ветената земја“
Без оглед на тоа дали филмот е добар или не, ако е со Мадс Микелсен тој влегува во нашиот избор. Епски филм за Лудвиг вон Кален, битна фигура во данската историја на 18-тиот век, кој по повик од тогашниот дански крал Фредерик Петти се нафаќа од пустата јутландска земја да направи плодна почва.
„Присила“
Биографски филм напишан, режиран и ко-продуциран од Софија Копола, врз основа на мемоарот „Елвис и јас“ на Присила Присли од 1985. Ова ќе биде прво појавување на Софија Копола во Венеција по 20 години.