Суперхероите, онакви какви што ги знаеме од холивудските филмови, главно го глорифицираат богатството, аристократијата и/или монархијата, милитаризмот, унилатералноста и десничарските фантазии во врска со криминалот, пишува Салон, по повод премиерата на новиот филм за амазонската принцеза, Wonder Woman. Дали ова е прекумерно интелектуализирање на филмчиња кои се само безопасни летни хитчиња? Па, не баш.
Филмовите со суперхерои се повеќе од подвижни слики. Тие се спектакли кои чинат милијарди долари, со бескрајни продолженија, видео игри и серии играчки. Децата се идентификуваат со архетипот на уникатниот херој-одмаздник, кој самиот си одлучува што е добро, а што лошо.
Новиот Wonder Woman e одличен пример за најлошиот вид на суперхеројска политика, која излегува од рамките на франшизите и филмските студија. Тој почнува во вообичаен контекст за суперхерои: паралелниот универзум на полубоговите - во овој случај земјата на Амазонките - каде главната јунакиња и нејзиното семејство живеат во рај кој истовремено е и монархија.
Неодамнешните филмови за Тор и Супермен почнуваат на истиот начин. Необично е што овие вонземни раеви често се контексти каде владее средовековна политика. Нели би било интересно еднаш ваквиот херој да доаѓа од планета на примитивни комунисти или анархо-синдикалисти?
Ова тешко дека наскоро ќе се случи - суперхероите речиси секогаш се дефинирани преку нивниот статус, доаѓаат од светови кои го слават индивидуализмот и хиерархиските облици на владеење. Таму владее елитизмот, не рамноправноста. Иако Вондер вуман не доаѓа од контекст на патријархалност, тој сепак е монархија, со јасно одредени повисоки и пониски класи.
Во ваквите светови праведноста не функционира како колективен принцип, нема судови и поротници. Тоа што суперхероите се сето од ова во една личност од нив прави авторитарни карактери кои дејствуваат вон секаков закон. „Лошите“ во овие филмови се инхерентно зли, за нив не важи можноста за каење и ресоцијализација, туку има само смрт или затвор.
Има ли потреба да се потенцира паралелата со современата глобална политика? Живееме во доба на суперхеројски политичари. Гласачите бираат кандидат кој не нуди визија за движење „од долу“, туку декрет „од горе“. Голем број филмови со суперхерои завршуваат со сцени во кои народот ракоплеска и поздравува некој од хероите. Кој знае дали ова е намерно, дали директорите на филмските студија сакаат да нè убедат дека е ок елитите да владеат, сè додека ја имаат поддршката на масите?
Во реалноста позитивната општествена промена историски не доаѓала од елитите, туку од движења на кои им биле потребни години и години организирање и протести (затвори, убиства) за евентуално да успеат во својата намера. Суперхеројската политика е антитеза на демократијата, форма на елитистичка технократија. Таа е владеење на моќните, кои селективно ја применуваат својата идеја за праведност врз она што тие го сметаат за глупа толпа, која само знае да аплаудира.