
Студија од областа на автобиографската меморија, спроведена од Осман Геркем Четин, конгитивен психолог од Универзитетот Коч во Истанбул, покажува дека луѓето често се сеќаваат на емотивни моменти од фиктивни наративи со исто ниво на јасност и значење како спомени од вистински настани. На пример, многумина паметат сцени од филмови и книги поврзани со губиток на близок поради болест или несреќа. Иако измислени, тие можат да се врежат како да се мемории за доживеана лична загуба.
Нашите автобиографски спомени не само што нè дефинираат, туку и ни помагаат во донесување одлуки и поврзување со другите. Слично, фикцијата може да ја поттикне емпатијата, да нè научи нешто ново и да влијае врз нашите ставови и избори.
Истражувачите откриле дека филмските спомени се побогати со визуелни детали отколку оние од книги; дека видео-игрите поттикнуваат најсилна лична поврзаност, бидејќи играчот донесува одлуки и учествува во приказната, често зборувајќи за настаните во прво лице; а дека книгите бараат поголема имагинација, но и тие можат да создадат длабоки, долготрајни емоционални врски – особено ако читателот е сензитивен и сконцентриран.
Клучот лежи во емпатијата. Луѓето кои лесно се поврзуваат со туѓи чувства почесто ги доживуваат фиктивните приказни како дел од себе. Естетиката, веродостојноста на карактерите и емоционалната длабочина ја зајакнуваат моќта на помнење. Исто така, честото повторување на овие сцени – било преку разговор или размислување – дополнително ги зацврстува истите.
Иако вистинските животни спомени најчесто имаат поголема тежина, некои фиктивни доживувања можат да се почувствуваат речиси како да се наши лични искуства. Во тие приказни, некои луѓе наоѓаат утеха, разбирање или дури и идентификација што понекогаш недостига во реалноста. Таквите сцени можат да станат ментално прибежиште – едно „второ дома“ во кое навистина се чувствуваме живи.