Фамозното 21-во поглавје од „Пеколниот портокал“ што го нема во филмот

Aко не сте ја читале книгата, сигурно сте го гледале или барем сте слушнале за филмот на Кјубрик. Група момчиња се мафтаат наоколу со полуцилиндри и трегери, силувајќи и вршејќи други насилства, и така до крајот. Но книгата завршува сосема поинаку. Поточно онаа оригиналната, британска верзија.

„Пеколниот портокал“ на Кјубрик е еден од најанализираните филмови во филмската историја. Направен по романот на Ентони Бурџис, тој е верен на книгата, но само до последното, 21-во поглавје. Фактот дека тој е изземен, радикално влијае и врз содржината и врз толкувањето на генералната порака. 

За да стигнеме до таму да видиме за што стануваше збор во филмот односно романот. Главниот лик, Алекс, и неговите тројца придружници ги минуват ноќите налевајќи се со млеко „зачинето“ со наркотици и повредувајќи луѓе. Крадат автомобили, претепуваат секого кој ќе им се испречи на патот, а има и прилично славна сцена на силување која била инспирирана од напад врз првата жена на Бурџес од група американски војници, иако тој напад не бил сексуален.

На третина од книгата Алекс случајно убива некого во тек на провала и оди во затвор. По неколу години властите го бираат за нов експериментален тип на терапија, давајќи му дрога која го прави „алергичен“ на насилство. Дури и при самата помисла на удирање некого добива несвестица и се вознемирува. На јавна презентација на постигнатото, истражувачите го подвргнуваат на навреди, повреди, сексуални предизвици, но тој не реагира. Сепак, еден свештеник присутен на настанот не е задоволен.

„Избор! Момчето нема вистински избор, нели? Тој престанува да биде престапник. Но истовремено престанува да биде суштество способно за морален избор.“

Како и да е, Алекс излегува од затворот. Се обидува да се убие. Властите го „лечат“ со тоа што го враќаат на старото, злобно јаство. Вака завршува филмот. Но последното поглавје во книгата, кое не е вклучено во него, го менува значењето на сето претходно.

Во тоа 21-во поглавје Алекс се враќа во млечниот бар со тројца нови придружници. Но сега, кога ќе почнат со насилствата, тој не е така одлучен. Како да му е здосадено и не ужива како порано. Налетува на дечко од претходната банда, Пит и неговата жена. Тие изгледаат среќно, живеат тивок живот. Алекс помислува дека тоа е она што му недостасува. Можеби и тој треба да се ожени, да има дете, по можност син. „Чувствував голема празнина во телото. Се изненадив од самиот себеси. Знаев што се случува. О, браќа мои. Се чувствував како да растам“.

Во светлина на ваквиот крај излегува дека Алекс не е инхерентно зол. Не му требале експериментални процедури за промена на карактерот. Само доволно време да дојде на свое. Двата краја претставуваат два комплетно различни начина на гледање на светот. Оној на филмот вели дека зло е зло и тука нема оправање, а другиот дека дури и најлошите луѓе можат да се променат на подобро.

Како воопшто дошло до ваква драстична разлика? Според Бурџес, кога книгата требало да биде објавена во САД, издавачот побарал од него да го исече 21-то поглавје. Ова е многу пред снимањето на филмот. Постоечкиот крај бил оценет како наивен и лигав. „Ние сме Американци, и за разлика од вас, Британците, можеме да поднесеме нихилистички крај. За некои луѓе едноставно нема надеж. Тоа е пореалистично“, изјавиле. На Бурџес му требале пари па се согласил на ваквата самоцензура. 

Тоа значи дека во светот циркулираат два краја на истата книга, во зависност од тоа каде живеете. Бурџес подоцна пишувал на долго и на широко за ваквиот развој на настаните, и дека Кјубрик кога го правел филмот, иако го снимал во Англија, ја следел американската верзија. Ова наводно многу го фрустрирало и му одземало многу време за да им објаснува на своите обожаватели како дошло до целата работа.

Но вистината е дека тој самиот имал амбивалентни чувства кон крајот и можеби сето ова служело за да се оправда фактот дека и самиот сакал книгата да има две верзии. Дури во 1986 во предговорот на првото американско издание кое го содржело фамозното поглавје тој напишал: „Читателите на 21-ото поглавје мора самите да одлучат дали тоа додава тежина на книгата која тие мислат дека ја познаваат или претставува екстремитет кој може да се откине. Сметав дека треба да ја завршам книгата на овој начин, но моите естетски проценки можеби беа погрешни“.

Со ова тој се оградил од каква и да е авторитативна одговорност за крајот, и можеби ненамерно ја потенцирал важноста на она на што инсистираше свештеникот во погорниот пасус - присуството на слободна волја, морален избор и индивидуална одговорност.

13 јули 2022 - 11:01