Проституцијата во древна Грција била прифатена професија, а Атина бил еден од најпознатите центри, каде борделите цветале и привлекувале не само локалци туку и странски трговци, патници и морнари. Како и сите други даватели на услуги, и сексуалните работнички требало да си плаќаат данок, што покажува дека оваа професија веројатно била многу понапредна отколку што е денес во голем број земји во светот. Чeсто пати проститутките најпрвин биле робинки или странски жени со ограничени права, но ним им било дозволено да заработуваат на овој начин.
Робинките со време можеле да заработат доволно за да си ја откупат слободата. Голем број од нив продолжувале со занаетот, бидејќи на тој начин имале поголема независност и не биле контролирани од строги сопрузи, како што тоа било случај со мажените Атињанки.
Иако нивното работно место главно бил борделот, тие ги нуделе своите услиги и на улица. Археолошки артефакти укажуваат дури и на постоење на креативно „рекламирање“. Жените ставале посебни сандали кои оставале траги на земјата со порака ΑΚΟΛΟΥΘΕΙ/AKOLOUTHEI или „Следи ме“, така што заинтересираните клиенти можеле лесно да ги најдат.
Додуша, и тука постоеле различни категории услуги. Имало и висока проституција, односно „женска придружба“, хетери, кои биле добро образовани со уметнички таленти. Мажите исто така се проституирале и покрај тоа што им нуделе услуги на богатите жени, нивни најчести клиенти биле постари мажи. Младите Атињани ретко се женеле пред 30-годишна возраст, па сексуалното образование го стекнувале во друштво на проститутките. Некои од нив дури и им станувале сопруги, но детето родено од таква врска не се сметало за граѓанин.
Денес оставањето ваква трага во асфалт би било многу потешко, но „следи ме“ се уште ја има истата заводлива нота.