Во официјални мејлови не смее да има болдирани зборови, забрането е пишување со капс лок (како да се дереш) и речениците не смеат да завршуваат со повеќе од еден извичник.
Ова се правилата кои неодамна им ги соопшти на вработените Ејке Шмит, директор на славниот музеј Уфици во Фиренца. Тој не спомнал емоџиња, но согласно тонот на циркуларното писмо напишано на меморандум на Министерството за култура под кое спаѓа оваа институција, тешко дека тие би дошле предвид.
Шмит е Германец кој студирал во Болоња и Фиренца и е прв директор на една значајна културна институција во Италија кој не е Италијанец. Неговата главна забелешка кон колегите е прекумерното „зачинување“ на мејловите со интерпункција, што е веројатно резултат на медитеранскиот темперамент кој на овој начин се прелева во службените преписки. Но тој дури и си дозволил да ги опомене околу познавањето на граматиката на нивниот мајчин јазик.
„Големите букви треба да бидат ограничени на личните имиња или онаму каде тоа го подразбира италијанската граматика. Загради кои содржат текст кој не е нужен за разбирањето на пораката, треба да се одбегнуваат. Работните мејлови секогаш треба да се јасни, експлицитни, и да не содржат алузии“.
Генерално, неговиот обид е да се запази формалноста на деловната преписка, а не таа да се претвори во афективен чет, кој не помага во завршување на работите. Можеме само да претпоставиме со какви коментари се соочил од колегите-Италијанци, кои сега за инает можеби ќе му го блокираат сандачето со извичници.