Џоана Ракоф во 1996 нашла работа во фирма која таа ја нарекува „Агенцијата", како личен асистент на книжевен агент кој застапувал неколку познати автори, меѓу кои и славниот автор на „Игра во 'ржта". Селинџер имал дадено јасни упатства, писмата од обожавателите да не му ги испраќаат лично, туку прво да поминат низ филтерот на професионалните „читачи". Причина: двајца пореметени млади мажи (Марк Дејвид Чепмен и Џон Хинкли помладиот) пукале во две јавни личности (Џон Ленон и претседателот Реган) во раните 1980-ти, велејќи дека „Игра во 'ржта" им била инспирација. Изгледало како мудра одлука да се внимава на добиените писма.
Агенцијата била како временска машина за минатото - немало компјутери, на телефоните не можело да се остави порака, дури и фотокопирот бил таква новост што вработените се уште ги викале копиите „индиго". Првиот ден во канцеларијата шефот со свечен глас ја известил новата вработена: „Треба да зборуваме за Џери. Никогаш, никогаш не ја давај неговата адреса или неговиот телефонски број. И ич немој да се надеваш дека ќе добиеш шанса да го запознаеш". Нејзе отпрвин не ѝ било јасно за кој „Џери" се работи, но наскоро сфатила кој е мистериозниот клиент - Џером Дејвид Селинџер.
Можеби токму затоа што никогаш немала прочитано ништо од него, и не била нешто многу потресена околу неговиот лик и дело, таа сепак наскоро се спријателила со „Џери", со кого често разговарала телефонски и покрај тоа што тој веќе бил малку наглув. Сега таа ги опишува нејзините искуства во новиот мемоар „Мојата Селинџерска година", кој е интересен и заради еден поопшто културолошки момент: описите на начинот на работа на „Агенцијата", која е една од ретките кои се уште работи на старовремски начин, со „џентлменски" пристап кон издаваштвото, без многу-многу муабет за пари и без детални договори и адвокати, каде работите се договараат на тричасовен ручек и со обичен стисок на раката. Тоа се главно Агенции кои се грижат за оставнината на големите автори, а оддаваат чувство за тоа како стоеле работите во книжевната сфера во 1920-1930-тите, кога никој не се грижел за пазарот, а уредниците можеле порелаксирано да се занимаваат со промовирање вистинска уметност. Или барем е таква романтичната претстава за тоа како некогаш било подобро, на оние кои денес се борат за опстанок во издавачката џунгла.
Во интервју за Салон, Ракоф одговара на неколку прашања во врска со нејзината книга, на пример како е можно да не знаела дека ќе работи за агент на Селинџер пред да се појави на интервју.
Ова беше пред Гугл, пред да можете да проверите нешто набрзинка. Ништо не ми кажа ни жената од агенцијата за вработување, која испраќала луѓе таму со месеци, но сите биле одбивани. Веројатно не ми кажуваше намерно, за да не се појавам на интервјуто со подготвена реченица, дека сум голем фан на Селинџер. Исто така, дозволив мајка ми да ме облече за настанот. Носев многу старовремско костумче. Мислам дека мојата појава и начин на однесување врескаа: „Ова е соодветниот човек кој нема да нè оговара по луѓе.
Бидејќи немала читано ништо претходно од Селинџер, првите впечатоци за неговите дела ѝ доаѓале преку писмата на неговите обожаватели, кои му пишувале долги, исповедни четива.
Тоа беа наративни писма, често со тешки приказни од нивните животи. Голем број беа од тинејџери кои велеа дека немаат пријатели и дека никој не ги разбира. Тие беа во голема мерка како Хoлден, или посакуваа да имаат пријател како него. Најпрвин мислев дека некои писма се смешни. Но потоа сфатив дека Селинџер одиграл централна улога во фантазијата и емоционалниот живот на огромен број луѓе од светската популација. И не претерувам кога го велам ова.
Истовремено луѓето му пишуваа како да го познаваат. Тоа ме погоди. Тие чувствуваа дека за некои приватни нешта можат да зборуваат само со Селинџер. Ова го смени мојот академски однос кон литературата, кој беше резултат на моето образование. Моето време во Агенцијата и читањето на Селинџер ме врати во состојба кога како дете или како адолесцент - или само како личност - читате за задоволство. Се вратив на пред-академското „јас" кое целосно ја разбира чистата моќ на литературата, која може да смени нечиј живот, да му го покаже патот или да му овозможи да живее исполнето. Токму тоа ми овозможи да станам писателка.