Во интервју за Гардијан, Џон Вотерс најавува два нови проекти: неговиот настап на овогодинешниот фестивал Хомотопија во Ливерпул овој петок, како и книга во која се содржани неговите автостоперски искуства од патот низ Америка минатата година.
Како ви беше на пат?
Стопирав од дома во Балтимор до мојот стан во Сан Франциско. Последен пат стопирав кога имав 16 години. Но малку е различно кога имаш 66. Претходно имав фантазии за тоа колку брилијантно или колку грозно би било тоа. Реалноста не е воопшто блиску до овие екстреми. Инди бендот Here We Go Magic твиташе за тоа дека ме собрале среде Охајо. Тоа беше толку убаво: чекате на дожд 15 часа некој да сопре, и стварно некој запира. Никој не стопира денес. За целото време видов само еден стопер.
Дали сакате да настапувате?
Да се прави шоу е ефикасна анти-Алцхајмер вежба. Зборувам за менаџирање луна парк, за ѕвездите во моите филмови, дрогата, религијата, за сè. Никогаш не сум бил во Ливерпул но звучи како Балтимор (каде е роден и се уште живее) - мој тип град. Дечките од Ливерпул се згодни а и девојките се фраерки.
Какво дете бевте?
Мајка ми беше католик, татко ми не. Одев во католичко средно школо. Ниту еден облик на образование не ми помогна. Бев проблематичен. Кога имав осум или девет години во градинка раскажував приказни за едно чудно дете во групата кое црташе со црни боици. Еден ден учителката им се јави на моите родители и им кажа дека тоа сум всушност јас. Рано почнав да создавам ликови. Луѓето не ме победуваа. Ги плашев. Мразев авторитет. Можев да ги натерам да прават работи за мене. Рано станав режисер. Можев да направам луѓето да се смеат, да се отворат, а потоа да им го измијам мозокот.
Дали пиевте и се дрогиравте?
Бев уапсен заради малолетничко пиење во еден дравј-ин. Имаше девојки кои повраќаа од алкохол кај мојата кола. Сакав да бидам битник, потоа хипик, потоа јапи. Земав ЛСД што ми даде храброст да бидам човекот кој сакам да бидам. Моите родители беа уплашени но ми даваа поддршка. Тие беа згрозени од моето однесување, но татко ми плати за „Розевите фламингоси". Никогаш не го виде. Му ги вратив сите пари. Тој ме научи за бизнисот. Ја продаде противпожарната опрема и почна голем бизнис кој сега го води мојата внука. Јас продавав шок, што е исто така производ. Никогаш немав вистинска работа, освен во една книжарница. Се уште пијам. Понекогаш дувам, но порано тоа го правев секој ден. Бев навлечен на цигари. Поминати се 3,926 дена откако ја испушив последната, иако неодамна попуштив и испушив 3.
Дали вашите родители ги имаат гледано филмовите?
Татко ми го гледаше Dirty Shame (2004). Mи беше незгодно што дозна што е felching. Рече: „Забавен е, но се надевам никогаш повеќе нема да го видам" - супер критика од родител. Мајка ми ме праша за што е. Јас реков „за сексуална зависност", а таа рече: „Можеби ќе умреме пред да излезе". Им се допаднаa Hairspray, Cry-Baby и Polyester, кои не беа толку грозни. Мајка ми има 89 години и е голем англофил. Ја викавме Кралицата од Лутервил (предградие на Балтимор каде живееле).
Како изгледаше вашето „излегување од шифоњерот"?
Пред да им кажам дека сум геј тие беа уплашени од тоа што сакав да им го соопштам, дека можеби сум некрофил или слично. „Дали мора да го кажеш тоа во USA Today?", ме праша татко ми. Им беше во ред тоа што сум на насловна на Out (геј списание), бидејќи нивните пријатели не го читаа тоа. Моите родители беа во брак 60 години. Никогаш не се караа. Беа совршен пример на добар брак. Сега мајка ми сака да се земам. Мајка ми вика: „Зошто не се земеш со оној твој фин пријател?", кој е обично некој успешен тип. Но успешните геј мажи кои јас ги познавам ретко имаат дечковци кои се исто така успешни. Тие имаат „спонзоруши". Брачната рамноправност им е кошмар на овие копачи по злато. Јас водев кампања за брачна рамноправност во Мериленд бидејќи верувам дека треба да имаме право на тоа, но лично не сакам да бидам во брак. Не сакам да ги имитирам хетеросексуалните традиции. Мразам свадби, ме вознемируваат.
Дали сте сам?
Сум бил заљубен. Дали сум добар во тоа, тоа е друго. Тоа е работа. Имам „регуларни" со кои се гледам. Да се живее сам е голем луксуз. Сакам да излегувам. Вечер одам на една навистина кул журка каде млади луѓе играат на музика на мојата генерација. Одам на факултети, се поврзувам со младите, тие ме гледаат како нивен по малку луд вујко. Немаш многу избор кога станува збор за стареењето. Но не сакам пластични операции па на крај да изгледам како оние луѓе од Лос Анѓелес кои личат на вонземјани или на научни експерименти.
Вашиот последен филм е од 2004. Зошто?
Не заработив ништо. Тие сакаат да правиш независни филмови за пола милион долари, а мене филм ме чини околу 5 милиона. Супер е да биде дебитант, но не и за мене. Во последниве пет години се обидувам да добијам пари за еден филм, „Овошен колач". Џони Ноксвил треба да го игра таткото, и ако некој се јави утре и рече „Еве ти пари", ќе го направам. Пријател сум со речиси сите ѕвезди во моите филмови - Кетлин Тарнер, Рики Лејк, Трејси Лордс и Џони Деп. Дивајн (на фотографијата) мразеше да биде нарекуван Глен (роденото име му е Милстед), и не одговараше на ниту едно друго освен на Дивајн, како што го нареков во 1966. Мило ми е што искуси успех пред да умре (во 1988).
Дали ви недостасува режирањето?
Направив 16 филма, не е дека немам ништо кажано. Пишувам, мојата последна книга беше бестселер. Создавам уметност. Фала богу не зависам од филмскиот бизнис за да преживеам. Овој Божик со моето шоу ќе посетам 15 градови во САД. Би сакал да напишам роман. Горд сум што сум бил во можност да го сторам сето ова, да работам во шорцеви и маица секој ден. Многу сум луциден наутро и станувам поглуп како што одминува денот.
* за сите кои пуштаат брк за Мовембер, еве предлог а-ла Вотерс, кој може да биде и постојана тетоважа