Ноќта на овој ден, на плоштадот на Операта во Берлин, со камиони и приколки биле донесени повеќе од 20,000 книги. Голем број студенти од германските универзитети, припадници на Национал-социјалистичкото здружение на германски студенти, ритуално ги фрлале книгите на големите клади, заради нивните наводни „негермански" идеи.
Ним им се придружил министерот за пропаганда Гебелс, кој изјавил: „Ерата на екстремен еврејски интелектуализам во моментов завршува...Иднината на германскиот човек нема да биде само во книгите, туку во карактерот. Сакаме да ве образуваме во оваа смисла. Токму затоа вие вршите одлична работа во овие полноќни часови фрлајќи ги во пламенот злобните духови на минатото. Ова е силен, голем и симболички чин - чин кој треба да се документира за светот да дознае за него".
И светот дозна - со звукот на нацистичките химни и поздравите со високо кренати раце се запалени книгите на Франц Боас, Алберт Ајнштајн, Максим Горки, Сигмунд Фројд, Ернест Хемингвеј, Хајнрих Ман, Карл Маркс, Џел Лондон, Марсел Пруст, Ерих Марија Ремарк, Артур Шницлер, Емил Зола, Штефан Цвајг..На списокот се главно автори со еврејско потекло, иако има и такви кои не се Евреи, но чии дела наводно поттикнуваат хомосексуалност, социјалистички и буржујски идеи, странски влијанија и други „зла". „Да на достоинството и моралноста во семејството и во државата! Во името на тоа ги фрлам во огнот делата на Ман, Глесер и Кестнер“, извикувал Гебелс пред 40,000 насобрани.
Исти вакви палежи се случувале во 34 универзитетски градови низ Германија, иако ова во Берлин било медиумски најпокриено, со преноси во живо на говорите, песните и обредните повици. Промоцијата на ариевската култура и уништувањето на каква и да е друга форма на уметничко создавање било начин Германија да се прочисти. „Прочистувањето" подоцна продолжило и со други методи. Еден од авторите чии дела биле запалени, уште во 1820, во неговата драма „Алмансор" напишал: "Dort, wo man Bücher verbrennt, verbrennt man am Ende auch Menschen" („Онаму кадешто палат книги, наскоро ќе палат и луѓе"). Да знаел колку оваа реченица ќе се покаже пророчка, веројатно самиот би си ја запалел книгата, во надеж дека така ќе го спречи остварувањето на апокалиптичното предвидување.