Денес во САД можеше да има држава што ќе се викаше Абсaрoка

Во 1930-тите, осиромашените фармери и ранчери се залагале за формирање на тогаш 49-та држава која би се состоела од територии на северен Вајоминг, југо-источна Монтана и јужна Дакота. Дури и без детали за приказната јасно е дека не успеале. Но обидот се брои, а се памети и првата и последна Мис Абсaрoка.

На почетокот на 1935, нештата во САД за „обичниот“ човек не стоеле добро. Земјата била сува, банките пропаднати, а работни места имало многу малку. Како и секогаш во време на криза, почнале да се појавуваат идеи како таа да се надмине. Еден од предлозите - формирање нова, во времето пред приклучувањето на Аљаска и Хаваи 49-та држава, под име Абсaрoка (се измачивме да го дешифрираме точниот изговор на овој термин, во изворот пишува дека се чита Аb-sor-ka, но некако не ни е логично). 

На 2 март 1935 ваквиот предлог се појавил во весниците, и тоа со следниве детали - населението од северен Вајоминг, југоисточна Монтана и западна Јужна Дакота требало да прогласи сецесија на овие територии, меѓу другото и како протест што фондовите од програмата Њу дил - финансиски реформи воведени од претседателот Франклин Рузвелт за да се спасат САД од Големата депресија, всушност и не стигнувале до ретко населените, изолирани катчиња на овие три држави. 

Особено биле незадоволни жителите на Шеридан, Вајоминг, град на половина пат помеѓу националниот парк Јелоустоун и Маунт Рашмор. Човек кој живеел во овој град морал да влезе во други држави за да стигне до главниот град на својата држава со воз. Долго време овие територии биле сметани за „сираче“ или „посвоенче“ на останатиот дел од Северна Америка. 

Игнорирани од државата, фрустрираните селани и ранчери се обединиле околу идејата за сецесија. Таа требало да се вика Абсарока, а главен град да биде токму Шеридан. Поддржувачите на движењето почнале да ја пропагираат идејата во годините кои воделе до Втората светска војна. 

На крај, идејата пропаднала, но таа сепак не би требало да биде запаметена само како начин гневни каубојци да направат „театар“ во тек на економски тешки времиња. Луѓето барале чаре и ако ништо друго сепак го привлекле вниманието со својот активизам. Имале и детално развиен план - Абсарока требало да биде составена од 27 делови, кои всушност биле домородна територија на племето Кроу, познати и по автонимот (името со коешто самите се означувале), Абсарока или „деца на птицата со долг клун“. Во 1870-тите тие биле истерани од домовите и сместени во резервати. И покрај користењето на ова име и признавањето дека тука некогаш живеело друго население, тоа не било вклучено во плановите на фармерите и ранчерите за нова држава.

Сепак, во тоа време, растурањето на една држава за да се формира друга било без преседан. Успешните приказни во таа смисла (на пример кога Мејн се одделил од Масачусетс) биле стари речиси еден век. Дури и да добиело широка поддршка, движењето морало да ги убеди и властите во своите аргументи. А тие пак не сакале да загубат земај богата со минерално и туристичко богатство поради сепаратистичко движење составено од рудари и селани. 

Идејата уште еднаш искрснала во 1908, кога извесен А. Р. Швикард дошол да игра во мала бејзбол лига во Шеридан. Станал политичар, неуспешно се кандидирал за градоначалник во 1927, и станал одговорен за општинскиот водовод и патишта во 1931. И тој се соочил со недостаток на внимание и фондови од страна на властите на Вајоминг. Сограѓаните го потсетиле на идејата за Абсарока и неколку години старата иницијатива повторно букнала. Вестите за предлогот на Швикард стигнала до Капитол Хил, но таму ја прогласиле за „премногу луда за воопшто да се земе предвид“. Како и да е, во текот на кампањата луѓето се потсетиле на историјата на оваа идеја, а била избрана и првата и последна Мис Абсарока. 

извор

15 август 2024 - 09:36