Делото „Њујорк сити 1“ на Пит Мондријан е направено со разнобојна, самолеплива лента на бела основа и е верзија на претходна слика од истиот автор под наслов „Њујорк“. Тоа било прв пат изложено во Њујоршкиот МоМА во 1945, а од 1980 е дел од уметничката колекција во германската држава Северна Рајна-Вестфалија и е изложено во Дизелдорф.
Кураторката Сузана Мејер-Бузер, истражувајќи за нова поставка на уметникот на почетокот на годинава, забележала една грешка која се провлекувала сите овие 75 години - сликата висела наопаку. Според неа погустата страна на мрежата би требало да стои свртена нагоре, и да го претставува мрачното небо. Ова меѓу другото се аргументира и со тоа како се поставени линиите на претходното дело со слично име, кое е изложено во парискиот центар Помпиду.
Освен тоа, една фотографија од студиото на Холанѓанецот, направена неколку денови по неговата смрт, ја покажува истата приказна како стои на штафелај, свртена на овој начин. Сликата била објавена и во американското списание за животен стил „Град и село“ во јуни 1944.
И покрај очигледната грешка, делото ќе остане да виси онака како што било и до сега поставено, бидејќи неговото поместување и вртење се смета за премногу ризично.
Мондријан е роден во регионот на Утрехт во Холандија во 1872 и се смета за еден од најголемите уметници на 20 век, пионер на модерниот минимализам и експресионизам. Кратко време пред смртта, во 1941 и 1942 тој ги направил овие слики со динамичен ритам на обоени - црвени, сини и жолти ленти, кои го заземаат местото на радикално редуцираниот сликовен јазик со геометриска структура.