Чарлс Хамилтон, британски аристократ од 18 век и член на Парламентот, бил прилично јасен во својот оглас. Декоративниот испосник требало да живее во прекрасните градини на неговиот имот во Кобам, Англија, да молчи, никогаш да не зборува со слугите кои му ги носеле дневните оброци, да носи широка роба од козјо влакно и никогаш да не ги сече косата, ноктите или брадата. Секако, требало да оди бос.
Ако, и само ако испосникот ги исполнел условите од договорот, живеејќи во осамена контемплација без да стапне надвор од имотот цели седум години, тој ќе добиел околу 700 тогашни британски фунти (денешни 130.000 евра). Господин Ремингтон, човекот кој се нафатил на улогата, издржал само мал период од овие седум години. Три недели по пристигнувањето, бил фатен како пие во локалната кафана.
Ремингтон бил еден од десетината луѓе кои се збогатиле или во случајов не успеале да се збогатат како резултат на оваа необична мода во Англија од 18 век. Краткорочниот тренд бил најсилен кога модата во уредувањето на градините се променила, од совршено кастрени и геометриски уредени градини во диви, неприпитомени простори во кои асиметријата на природата била „шармантно инспиративна“.
Аристократите ги опремувале своите нови пејзажни градини со неочекувани елементи како пештери, планини, зоолошки градини и птичји живеалишта. Но испосникот кој бил дел од овој список, сепак бил најинтересниот. До 1750, секој кој размислувал да постави каква и да е структура во својата градина обврзно го вклучувал овој елемент. Тој асоцирал на желбата за едноставен живот и повлекување во природата поради филозофска и научна љубопитност.
Една од теориите е дека ваквите градинарски испосници потекнувале од јужна Европа, од периодот на ренесансата. Најраниот документиран пример, камена структура на вештачкиот остров Шато де Гајон во Руен, Франција, датира од 1550-тите. Други се забележани во палата во Мадрид и во Братислава. Разликата е што во 18 век сопствениците на имоти „регрутирањето“ на испосниците го вршеле преку огласи во локалните весници. Еден од текстовите гласи:
„Бараме испосник кој ќе остане брадосан и во состојба на живописна валканост шест месеци годишно во вештачка пештера на соодветна оддалеченост од куќата - доволно далеку за во тек на забавите свита од поети и сликари да можат да го посетуваат, пешачејќи до него попладне, ѕиркајќи во полумракот со чудење и возбуда“.
Еден од најпознатите вакви испосници бил отец Франсис, кој живеел на имотот на британскиот дипломат Ричард Хил. Посетителите се воодушевувале од сликата на стариот и мудар испосник седнат пред маса на која стоеле неговите наочари, книга, песочен часовник и череп. Кога Франсис спиел или бил индиспониран, тој бил заменуван од „автоматон“ (механичка скулптура) облечен како друид. Оваа склуптура можела да зборува и да се движи, но на други имоти биле правени само кукли од дрво и партали. Некои сопственици оставале само назнаки за присуство на човек, на пример отворени книги и наочари, кои сугерирале дека испосникот е „тука некаде“ и набргу ќе се врати.