Дали живееме среде „поликриза“?

На моменти како да ни е потребен свеж збор за да го опишеме преклопувањето без преседан во историјата помеѓу еколошките, политички и економски предизвици. Ако „криза“ звучи недоволно сериозно и преџвакано, тогаш како би било - поликриза?

Понекогаш зборовите се појавуваат од никаде, како резултат на некаква акутна ситуација, во случајов глобална. Пред 2022 никогаш не бевме слушнале за „поликриза“. Но комбинацијата на еколошки, економски и безбедносни предизвици мораше да изнедри и свеж, посилен термин од обичното „криза“.

Терминот прв пат се слушна на климатската конференција на ОН (COP27) во Шарм Ел-Шеик во ноември 2022 и во Давос следниот јануари. Новинар од Фајненшл Тајмс го одбра за збор кој ја опишува 2022 година, дефинирајќи го „поликриза“ како колективен термин за повеќекратни, истовремени и преклопувачки кризи. 2023-та почна со тоа што Светскиот економски форум го прифати во својот Извештај за глобални ризици, акцентирајќи како „истовремените шокови, длабоко поврзаните ризици и еродираната отпорност даваат поттик на опасност од поликризи“. Истовремено тој беше масовно користен за рекламирање на извештајот, со медиумски наслови од типот „Дали сме на раб на поликриза?“ или „Добредојдовте во добата на поликриза“.

Главен промотор на зборот беше британскиот историчар Адам Туз (Adam Tooze), професор на Универзитетот Колумбија во Њујорк, кој во својата месечна колумна во Фајненшл Тајмс со наслов „Добредојдовте во светот на поликризите“, напиша:

Еден проблем станува криза кога ја доведува во прашање нашата способност да излеземе на крај со него и оттаму тој станува предизвик по нашиот идентитет. Во поликризата шоковите се од различен происход, но тие се во меѓусебна интеракција, така што целината често е повознемирувачка отколу простиот збир на деловите. На моменти човек се чувствува како да го губи смисолот за реалност“.

Звучи познато, нели?

Но како што Туз постојано повторува, „поликризите“ не се нешто што паднало од небо. Уште во 2016, поранешниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, објасни како различни безбедносни закани не само што коинцидираат туку и се хранат едни со други, создавајќи чувство на сомнеж и неспокојство. Сепак, „поликриза“ е нешто што нема множина, туку се однесува на таа една Поликриза (со големо П), историска епоха кога човештвото има создадено свет кој е меѓусебно поврзан и меѓузависен до степен кој е без преседан во досегашната историја, комбинирајќи огромно материјално богаство со радикална нееднаквост и тетеравење на работ од еколошки колапс. Ова е навистина нова фаза во историјата, различна од сето останато во досегашната пишувана историја на нашиот вид. 

Дали е ова само по фенси начин да се каже дека просто многу нешта се случуваат истовремено? За некои коментатори тоа е конфузен и непотребен неологизам, односно друг начин да се каже дека историјата си оди по својот вообичаен тек. Сепак, старите линеарни модели на развој кои би биле соодветни за споредба сега не се од корист, а она „поли“ не се однесува само на бројноста на различните проблеми, туку опишува радикален предизвик со кој се соочува мрежата на системи кои го одржуваат метаболизмот на постоечките општества. Решавањето проблеми во една таква ситуација бара социјална координација на многу повисоко ниво од кога и да е. Оттаму, како и да ја наречеме, оваа (поли)криза би морале да ја пребродиме навигирајќи низ шоковите, додека сме фокусирани на излезот од бурата. Ќе можеме ли? 

извор

22 август 2023 - 17:28