Во својот роман од 1963, „Стакленото ѕвоно“, ликот на Силвија Плат вели: „Единствената причина на која се сетив на оваа драма беше тоа што во неа имаше еден лудак, па сето она што го имав читано за лудите луѓе одеднаш ми се залепи за умот, а сето останато испари“.
Понекогаш деталите дури и од најубаво напишаните книги можат лесно да ни избледат, а камоли да можеме наизуст да кажеме некоја реченица од нив. Во таа смисла лесно е да се аргументира дека наместо да се читаат нови и нови книги, само колку да се рече дека ни се зголемува книшкиот учинок, подобро е да се препрочитува и така да се освежува и да се збогатува меморијата. По истата логика, кога станува збор за филмови или серии, тие треба одново да се гледаат, бидејќи така се откриваат нијансите и скриените пораки.
Додуша, понекогаш влијанието на одредено дело врз нас зависи од животната ситуација, па дури и од точната локација или како се погодило времетео. Едно е да ја читате „Моби Дик“ во младоста, друго е во средовечна возраст; едно е да ја читате среде град, друго на тераса која гледа кон океан (или барем кон некоја помала вода).
Аргументот против препрочитување вели дека како што старееме, така времето ни истекува и чувствуваме дека него подобро би го искористиле во стекнување нови искуства, па оттаму и во читање нови книги. Така можеби би наишле на автори за кои никогаш претходно не сме слушнале, и кои не се во „книжевниот канон“. Би се изненадиле како да сме пробале нова храна која не сме ни знаеле дека постои или сме посетиле место кое не е на туристичките мапи. Има нешто во ритуалот на препрочитување, особено по некој повод (на пример секоја година препрочитување, барем на делови, на „Улис“ на 16 јуни - денот којшто романот го опишува). Но има возбуда и во излегувањето од рамката и читање на нешто тотално непознато, собрано од рафтот на пријател или од книжарница затоа што било на попуст.
Можеби „правилото“ би требало да е вакво - за запознавање со содржината читај еднаш. За подетално анализирање на стилот читај повеќе пати. Или препрочитувај книга која те теши и поттикнува во тешки моменти. На крајот на краиштата, читај го тоа што те прави среќен, па макар и истото по сто пати.