Во утринска програма на една од нашите телевизии водителката го изговори следново: „Ако коронавирусот РЕШИ да се шири, во тоа тешко дека целосно ќе го спречиме“. Во учебници за природни науки за основно пак има вакви реченици: „Телото НАСТОЈУВА да се движи или да мирува“ или „Земјата ГО ТЕРА јаболкото да падне“.
Секојдневниот говор е полн со вакви метафори и персонификации кои несвесно, или потсвесно, имплицираат човечко однесување на нечовечки организми - на пример кога организмот „се бори“ со вирусите, или кога ќе се рече дека витаминот Ц „брани“ од настинки. Ваквите изрази се толку чести и автоматизирани, што не ни ја забележуваме можната асоцијација на антропоморфизација на видливите и невидливите сили што нè опкружуваат.
Во психологијата, првото емпириско истражување на антропоморфизмот било изведено во 1944 од страна на Фриц Хајдер и Маријан Зимел. Во еден од експериментите, истражувачите им покажале 2-минутна анимација (видео горе) со неколку форми кои се движеле на екранот во различни насоки и со различни брзини. Кога испитаниците требало да го опишат она што го гледале, тие давале детални описи на намерите на „ликовите“ во цртаниот. На пример, големиот триаголник бил карактеризиран како „насилник“, кој ги брка другите две форми додека тие не го излажат и во заедничка акција не избегаат.
Истражувачите заклучиле дека кога луѓето гледаат предмети кои се движат без посебна причина, тие ги перцепираат како целесообразни субјекти.
Модерната психологија го карактеризира антропоморфизмот како конгитивна предрасуда, односно процес во кој врз основа на постоечки шеми на мислење за другите луѓе им се припишуваат човечки својства на нечовечки ентитети. Ова се случува затоа што знаењето за другите луѓе се стекнува рано во животот, и е многу подетално отколку знаењето за не-човечките. Антропоморфизмот може исто така да биде и стратегија за излегување на крај со осаменоста или потребата за блискост (како кога миленичето си го викате „сине“). Во смисла на грижа за менталното здравје, ова може да се покаже како корисна компонентна на терапијата. Но кога станува збор за неопходност од рационални медицински мерки за справување со епидемии, оваа антропоморфизација многу повеќе одмага отколку што помага. Затоа што вирусот не е човек што навредено ќе си замине, само ако доволно долго го игнорираш.