#антропологија

Дали најсреќното време за човештвото е далечно минато?

Идејата не е нова и гласи отприлика вака: современиот живот на западниот човек не е врвот на цивилизацијата, и историски не постои нешто што се нарекува „прогрес“. Западното општество не е магично ослободување, со посредство на технологијата, од ограничувањата на духот и телото. Напротив, можеби е токму спротивното. 

Во текст објавен во Њујоркер под наслов „Аргументите против цивилизацијата“ Џон Ланкастер се прашува - дали на нашите предци, кои биле ловци или собирачи на плодови, всушност генерално им било подобро отколку денес нам, со сетa технологија која ни стои на располагање? „Си ласкаме верувајќи дека нивниот начин на живот бил мрачен и тежок, а дека нашето модерно, цивилизирано живеење е супер споредено со него“, пишува авторот. Она во што длабоко грешиме кога размислуваме за далечното минато, е што не им оддаваме доволно почит за нивните достигнувања на оние кои живееле во 95% од времето пред нашето, пронајдоци кои можеби немале врска со она што денес го нарекуваме наука, но кои имаат врска со преживувањето и подобрувањето на квалитетот на живот. Такво откритие без кое и ние не би постоеле е оганот, кого го земаме здраво за готово, а кој всушност ја одредил разликата „помеѓу тоа да јадеш ручек и да бидеш ручек“.

Слична е и идејата на нова книга од антропологот Џејмс Сузман (James Suzman) под наслов „Богатство без обилност“ (Affluence Without Abundance). Сузман минал 25 години проучувајќи една од последните групи ловци-собирачи на Земјата - Коисан или Бушманите од пустината Калахари во Намибија. Претходна студија од 1960-тите покажала дека тие нашле начин како да работат само 15 часа неделно за собирање храна, и 15-20 часа на домашни работи, а остатокот од времето се релаксираат, посветувајќи се на семејството, пријателите и разни активности. Книгата на Сузман го потврдува ова, и овозможува увид не само во тоа каков е животот во оваа високо ефикасна култура, туку каков бил животот за големото мнозинство луѓе во текот на човечкат аеволуција.

Она што го подразбираме под „модерно човештво“ живее на Земјата последниве 200.000 години. И 90% од тоа време не сме имале музли на полиците или добиток кој мирно пасе до куќата чекајќи да биде заклан. Сме се хранеле со лов на диви животни и со собирање плодови. И ова траело еволутивно толку долго што денес чувствуваме празнина во душата што веќе не сме во состојба да го правиме.

Не дека животот на Бушманите бил (или е) мед и млеко, но она што го разликува нивниот од нашиот е одржувањето на нивните потреби на минимум, фокусирање само на она што е навистина неопходно. Мантрата на модерната економија е обратна - неограничени потреби и ограничени средства, заради кои мораме да се преработуваме за да го надминеме јазот.

Всушност, како што тврди Сузман во интервју за НПР Бушманите и не мислат многу околу среќата, и немаат збор еквивалент на нашето „среќа“. Тие имаат зборови за моменталните чувства но не и за долгорочна благосостојба. Заради концентрирањето на сегашноста, и големата самодоверба во вештините за добивање храна од околината тогаш кога им е потребна, тие не трошат време на складирање или одгледување храна. Тоа значи дека имаат сосема различна перспектива за времето и не губат енергија на фантазирање на различни иднини за себе.

Како антидот на современиот живот на западниот човек авторот препорачува спорт или долго пешачење - активности за време на кои се губи чувството за време и човек се концентрира на задоволството на она што го прави во мигот. А дали сега, по 25 години минати во дивина западното општество му изгледа лудо? „Бев многу лут на ’нас’, но со текот на времето сфатив дека ако сум отворен за начинот на живот на моите пријатели Бушмани треба да бидам отворен и за луѓето тука“. Баш благородно од негова страна.

2 октомври 2017 - 08:36