Koга бевме мали летните одмори изгледаа како да траат цела вечност. Деновите толку се влечкаа, што во септември бевме некако среќни што се враќаме во школо. Во средно тие малку забрзуваа, за сега да имаме чувство дека треба да е април, кога всушност веќе дошла есен.
И ако го имате ова чувство не сте единствени. Филозофите и физичарите со векови се занимавале со прашањето зошто времето изгледа како да забрзува со возраста. Oбјаснувањето е прилично едноставно и аритметичко. Кога имаш една година, календарската годината е буквално вечност, целото време коешто ти е познато. Како што се трупаат годините, таа едната станува сè помало и помало делче од целокупниот живот. Како кога нешто се смалува во ретровизор.
Овој феномен има далекусежни импликации. Меѓу другото значи дека родителите гледаат како нивните деца растат многу побргу во споредба со тоа како го доживуваат растењето самите деца. Чекањето да дојде Нова година и подароците под елка во декември на возраст од 5 години изгледа како чекање една година на 54. Ова објаснува и зошто децата кога се патува секогаш го поставуваат истото нервокршачко прашање, уште на самиот почеток на патот - „Стигнавме?“
Оваа перспектива е убаво визуелизирана од австрискиот дизајнер Максимилијан Кинер. Како што се скрола надолу се стигнува до 98, кога една година е 1% од долг човечки животен век. Ништо. Еден „пуф“ во големата вселенска врева.
На ова аритметичко објаснување се надоврзува психолошкото, дека помладите години се доживуваат како подолги бидејќи тогаш работите се искусуваат за прв пат. Како што старееме нови мемории има сè помалку и помалку. Ако има некоја поука во сето кажано тоа би било - не си го троши времето на глупости. Создавај спомени. Дур го имаш.