Да се разбереме, ова не е идеја: најромантичниот подарок во 18 век бил срце на починатиот љубовник

Не мора да знаете дека е 14 февруари, тука се зацрвенетите излози полни плишани, чоколадни и цветни срциња за да ве потсетат на тоа. Може ќе бидете помеѓу среќните што денес ќе добие барем срце-емоџи во поракa. Ама вистинско човечко срце во урна?

Ако е вистина дека во минатото луѓето живееле поблиску до природата и „пооргански“, најдобра илустрација за тоа е што за разлика од денешната комодификација на срцето како симбол, знак за љубовна романтика во минатото било чувањето на физичкотo срце на саканиот во „туршија“. 

„Закопување на срца“, книга на историчарот Чарлс Бредфорд од 1933, зборува за ваквата конзервациска практика од 18 век, и од љубовни и од други причини. Станува збор за патувањата на срцата на голем број, главно западни воени, верски и политички фигури. Така, извесен Вилијам Кинг (1684-1763), директор на колеџот Сент Мери во Оксфорд, побарал неговото срце да биде ставено во сребрена кутија и депонирано во капелата при оваа институција. Таму, вели легендата, пред полноќ се уште може да се слушне мистериозен ритмички звук кој потсетува на чукање на срце. 

Во 2015 пет балсамирани срца во урни со ваков облик биле пронајдени под манастир во Рен, Франција. Археолозите идентификувале дека едно од нив му припаѓало на извесен Тусан де Периен, кој во знак на приврзаност, побарал срцето да му биде ставено во кардиотаф (име на сандак за срце во таков облик) и погребано со неговата жена. Ова почнало да симболизира спојување на саканите и по смртта. 

Веројатно најпознатото книжевно срце е она на поетот Перси Шели. Шели починал во 1822 на помалку од 30 години потонувајќи со својот брод, Дон Жуан, кој се насукал во тек на бура близу италијанскиот брег. Телото на Шели, заедно со оние на двајцата придружници, се појавило на копно десет дена подоцна. Италијанскиот закон подразбирал кремирање на телото, па така тоа било запалено на самиот морски брег, а на церемонијата присуствувал и лорд Бајрон.

Но срцето на Шели било извадено и вратено на неговата сопруга, писателката Мери Шели, која го чувала во ормарче до крајот на животот. Кога таа починала, тоа било откриено завиткано во свила, заедно со страници од „Адонис“, елегијата на Перси посветена на Џон Китс. 

Помалку романтична е приказната за срцето на Наполеон. Во мај 1821 неговото тело било сецирано, при што по негова желба внатрешните органи биле подарени на синот, а срцето на сопругата, царицата Марија-Луиза. Но легендата вели дека веднаш по процесот на балсамирање, слугата на Наполон го разбудил хирургот и го информирал дека озлогласените стаорци на островот Света Елена, кадешто починал Наполеон, му го изеле срцето. Наводно, докторот побарал замена со срце од некоја сирота овца.

Сепак, голем дел од 18 век срцето во урна било симбол на голема љубов. Таква е сликата „Сигисмунда жали над срцето на Гвискардо“ (горе) од британскиот уметник Вилијам Хогарт, инспирана од драматичен момент од „Декамерон“ на Бокачо. Гвискардо е слуга на дворот на таткото на Сигисмунда. Кога овој открива дека двајцата тајно се зеле, наредува Гвискардо да биде убиен а неговото срце да биде донесено на Сигисмунда во златна чаша. Таа става отров во неа и извршува самоубиство. 

14 февруари 2024 - 07:27